Фото: Игор Бансколиев

Црвено-жолтите со победата над Малта со 2-1, во првото коло од квалификациите за ЕП 2024, освоија 4,8 поени за рангирањето на ФИФА, според процените на специјализираните интернет-страници за изработка на листата на ФИФА, а нов триумф, на мечот денеска со Фарски Острови, треба да донесе уште околу три поена. Македонија моментно е на 65-то место на листата на ФИФА за декември 2022 година

ФУДБАЛ – МАКЕДОНИЈА ДЕНЕСКА ПРВПАТ ИГРА СО ФАРСКИ ОСТРОВИ

Македонската фудбалска репрезентација денеска (18 часот) првпат ќе игра со Фарски Острови, а пријателскиот натпревар во Скопје има важност за престиж и самодоверба, а и за освојување бодови за ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Македонија досега играла со вкупно 66 селекции од целиот свет (победи се забележани на средби со 41 репрезентација), а од тоа со 49 од 55-те членки на Европската фудбалска унија (УЕФА). Од репрезентациите од Европа, македонската селекција досега не одиграла натпревар уште со Франција, Грција, Сан Марино, Северна Ирска и со Швајцарија.
Во досегашните 109 пријателски средби, Македонија има по 38 победи и порази (има и 33 нерешени средби), па со триумф на натпреварот денеска со Фарски Острови, македонската селекција ќе има позитивен резултат во тест-дуелите, во кои има позитивна гол-разлика, 125-116.
Црвено-жолтите со победата над репрезентацијата на Малта со 2-1, во минатата недела, во првото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во Германија в година, освоија 4,8 поени за рангирањето на Светската фудбалска федерација, според процените на специјализираните интернет-страници за изработка на листата на ФИФА. Така, според информациите, Македонија ќе освои нови поени само со победа денеска на натпреварот со селекцијата на Фарски Острови, и тоа околу три бода. Македонија моментно е на 65-то место на листата на ФИФА, објавена во декември 2022 година.
Репрезентацијата на Фарски Острови, која е на 123-та позиција на ранг-листата на ФИФА, квалификациите за континенталното фудбалско првенство ги почна со нерешен резултат на гости кај селекцијата на Молдавија, 1-1, како и пред две години во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2022 година. Н.М.