Три од четирите први натпревари завршија без победник, што значи дека може да се очекуваат неизвесни дуели за место меѓу осумте најдобри сезонава, каде што од минатата недела се Реал Мадрид, Баерн, Ливерпул и Манчестер сити

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ОСМИНАФИНАЛЕ, РЕВАНШИ

По реваншите од осминафиналето, Манчестер јунајтед – Атлетико, Ајакс – Бенфика, Јувентус – Вилјареал и Лил – Челси, кои ќе се играат неделава, ќе се комплетираат четвртфиналистите во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), каде што веќе се пласираа Реал Мадрид, Баерн, Ливерпул и Манчестер сити.
На последните осминафинални натпревари сезонава може да се очекуваат многу возбудувања, со оглед на тоа дека три меча завршија без победник и оти повеќе го нема правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости при вкупен нерешен резултат. Само Челси е со предност пред реваншот во Лил.
Атлетико, со Луис Суарез во нападот, како поранешен напаѓач на Ливерпул, е еден од најнепосакуваните на стадионот „Олд трафорд“ на реваншот со Јунајтед. На првото враќање во Англија, откако потпиша за Барселона, Суарез погоди двапати на мечот со Манчестер сити во осминафиналето во сезоната 2014/2015, а потоа ја затресе и нивната мрежа на стадионот „Ноу камп“. Но избраниците на менаџерот Ралф Рангник се надеваат дека Суарез ќе се најде во иста ситуација како по познатиот пораз на Барса од Ливерпул, со 0-4, во полуфиналето во 2019 година или по елиминацијата на Атлетико од Челси во осминафиналето минатата сезона.

Ајакс е многу повеќе од импресивниот Себастијан Алер, кој стана првиот играч што постигнал гол на првите седум натпревари во ЛШ и најбрзиот што постигнал 11 гола во историјата на ова натпреварување. За силата на тимот како целина кажува тоа што се изедначи со најефикасната сезона во ЛШ, постигнувајќи 22 гола досега. Влијанието на Душан Тадиќ е добро познато, но игрите на Антони, чии пет асистенции се помалку само од седумте на Лерој Сане и шесте на Бруно Фернандеш, поминаа помалку незабележано.
Јувентус отсекогаш имал напаѓач(и) што редовно постигнувале важни голови. Роберто Баџо, Давид Трезеге, Алесандро Дел Пјеро, Кристијано Роналдо… Раните знаци се дека Душан Влаховиќ би можел да биде тој што ќе ги наследи. Влаховиќ, кој пристигна во Јувентус од Фиорентина во јануари, веќе постигна четири гола на првите шест настапи за „старата дама“. На првиот меч со Вилјареал тој го постигна најбрзиот гол за дебитант (по само 33 секунди) во историјата на ЛШ.
Надминување на негатива од 0-2 на натпревар во ЛШ не е невообичаено, но ќе биде многу тешко да се направи тоа против актуелниот шампион Челси. Голманот Едуар Менди нема примено гол на 14 од 18 настапи во ЛШ за клубот од Лондон, на девет во 12-те натпревари лани и на пет од шесте натпревари сезонава. На преостанатите четири натпревари противниците постигнаа само четири гола. Тоа значи дека фудбалерите на Лил треба да го сторат она што ниту еден тим го нема направено на меч со Челси две сезони, да постигне два или повеќе гола.
Ждрепката за четвртфиналните и за полуфиналните натпревари треба да се влече в петок напладне, во Нион, Швајцарија. Ждрепката е отворена, нема ограничувања, што значи секој тим може да игра против секого. Финалето е закажано за 28 мај на „Стад де Франс“ во Париз.


ОСМИНАФИНАЛЕ

УТРЕ
Манчестер Ј. – Атлетико (1-1)
Ајакс – Бенфика (2-2)
СРЕДА
Јувентус – Вилјареал (1-1)
Лил- Челси (0-2)

Во заградите се резултатите од првите мечеви. Претходно во четврт-финалето се пласираа Манчестер сити, Реал Мадрид, Ливерпул и Баерн