ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, РЕВАНШ-ПОЛУФИНАЛЕНДУЕЛ
Ако играме според нашите можности, можеме да му зададеме тежок удар на Интер, а враќањето на Леао, пак, може многу да ни помогне да го направиме токму тоа, вели играчот на Милан, Фикајо Томори
Милан, без креативниот напаѓач Рафаел Леао, кој поради повреда излезе во првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ) против Интер, сега несомнено ќе се надева дека ќе може да заигра во денешниот реванш. Португалецот Леао, кој својот 24-ти роденден ќе го прослави на денот на финалниот натпревар во ЛШ, беше движечката сила на победата на Милан против градскиот ривал во септември минатата година, постигнувајќи два гола, а имаше и една асистенција за Оливие Жиру во победата од 3-2 во натпревар на италијанската Серија А.
– Ако играме според нашите можности, можеме да му зададеме тежок удар на Интер, а враќањето на Леао, пак, може многу да ни помогне да го сториме токму тоа – вели тимскиот колега на Леао, Фикајо Томори, пренесува веб-страницата на УЕФА.
Одбранбениот играч на Интер, Франческо Ачерби, решен е да не се олабавува премногу со брзото водство од два гола, кое го оствари неговиот клуб во воведните 11 минути на првиот дуел на „Сан Сиро“ со головите на Един Џеко (8) и на Хенрих Мхтарјан (11).
– Направивме еден мал чекор напред, ништо повеќе. И тие можат да ни го направат она што им го направивме ние на првиот натпревар – претпазлив е дефанзивецот Ачерби.
Во вториот реванш-полуфинален натпревар, кој се игра утре во Манчестер, силите ќе ги одмерат Манчестер сити и мадридски Реал. Првиот меч, кој се одигра на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, заврши без победник 1-1. Поведе Реал во првото полувреме со голот на Винисиус Жуниор (36), а израмни Кевин де Брујне во вториот дел (67).
Реванш-натпреварот Интер – Милан се игра вечерва, на стадионот „Џузепе Меаца“ во Милано, со почеток во 21 часот, а главен судија ќе биде Французинот Клемен Турпин. Г.И.