Има пат што треба да се помине пред таквите соништа да станат реалност. Во првите редови на тие аспирации, не само за да се создаде репрезентација на Маршалските Острови туку и репрезентација што може да биде конкурентна на глобално ниво, е Англичанецот Лојд Оверс, кој доби задача да ги изгради темелите

Тоа е последната земја на планетата без фудбалска репрезентација. Но уште колку долго? Синџирот вулкански и корални острови во средината на Тихи Океан, кои ги формираат Маршалските Острови, се надева дека ќе стане независна сила во светскиот фудбал, пишува „Би-би-си“. Има пат што треба да се помине пред таквите соништа да станат реалност. Во првите редови на тие аспирации, не само за да се создаде репрезентација на Маршалските Острови туку и репрезентација што може да биде конкурентна на глобално ниво, е Англичанецот Лојд Оверс, кој доби задача да ги изгради темелите.
Сѐ почна со „случајни разговори“ со претседателот на Фудбалската асоцијација на земјата, Шем Ливаи, по објавата на онлајн тренерскиот блог напишани од Оверс.
– Почна преку е-пошта, а потоа стана полесно да се зборува преку Вотсап, поради временската разлика. Потоа дојде до фаза каде што од мене беше побарано да составам предлог заедно со сопствената филозофија за тоа како гледам на играта како расте – изјави Оверс за „Би-би-си“.
Оверс, технички директор за фудбал, летово првпат отпатува во земјата, таму тој ја надгледуваше првата фудбалска сесија за деца предводена од Фудбалската федерација на Маршалските Острови, основана од Ливаи во 2020 година. Целта е, колку и да е потребно долго време, земјата со 60.000 жители да стане членка на Фудбалската конфедерација на Океанија (ОФЦ), пред да почне да игра меѓународни натпревари. За 33-годишниот Оверс, можноста да го води амбициозниот проект беше онаа што не можеше да ја одбие.

– На лично ниво, тоа беше можност да се биде дел од нешто што беше толку големо како ова, единствената нација во светот без дефинирана репрезентација. Но тоа беше и амбиција. Федерацијата сака да биде дел од ОФЦ, но, исто така, сака да стане членка и на ФИФА. Тие не сакаат само да играат против локални земји, туку да бидат дел од поголема програма. Знаеме дека сакаме да бидеме дел од квалификациите за светско првенство, да бидеме дел од шампионатот на ОФЦ, да бидеме дел од фудбалот. Мислам дека за 10 години, ако продолжиме да одиме на начинот на кој федерацијата сака да ги турка своите цели и амбиции, нема причина тоа да не се случи – рече Оверс.
Во главниот град Мајуро, во изградба е национален стадион опкружен со морска одбрана. Таму, Светската банка предвидува дека порастот на водата од еден метар ќе поплави 40 отсто од зградите, пишува „Би-би-си“. Се надеваме, преку фудбалот, дека земјата може да привлече поголемо внимание на влијанието што го имаат климатските промени. Кога Фудбалската федерација првпат го објави својот сон на социјалните мрежи, малкумина вклучени, вклучувајќи го и Оверс, можеа да замислат каква позитивна реакција ќе се добие. Федерацијата доби околу 5.000 следбеници откако се приклучи на Х, во јануари. Оттогаш земјата го објави својот прв фудбалски дрес, за кој се очекува дека играчите ќе го носат за време на нивниот инаугуративен натпревар, во јули или во август 2024 година. Од федерацијата рекоа дека се „апсолутно изненадени од прекрасните позитивни одговори што ги добивме од луѓето низ светот“ за дресот, а од профитот треба да се реинвестира во програми во базата, инфраструктура и капацитети за тренинзи.

– Се надевавме, но не очекувавме. Добивме околу 1.500 следбеници само на Твитер за два или три дена, неверојатно. Навистина тоа воопшто не го очекувавме. Почетниот процес беше да помогнеме во создавањето на свеста за земјата, што успеавме да го постигнеме. Целото прифаќање на фудбалот во земјата беше неверојатно. За нас, прво беше да ја ставиме земјата на мапата. Го направивме тоа – рече Оверс.
Дизајнот на комплетот го изработи победник на натпреварот од Аргентина, чија идеја беше избрана меѓу повеќе од 200 апликанти. Живописните сина и портокалова ги претставуваат боите на националното знаме, а шарите и линиите имаат културна конотација и ја рефлектираат поврзаноста на островот со океанот. Според Оверс, тој веќе е продаден во повеќе од 30 земји откако беше во продажба кон крајот на септември. Следниот, и мошне клучен, предизвик за Оверс е да формира конкурентен тим од играчи што ќе ја претставуваат првата репрезентација на Маршалските Острови. За да го постигне тоа, тој планира да почне со ангажирање играчи блиску до дома, вклучувајќи ги и оние што сега играат на околните острови, во земји со воспоставени клубови и национални селекции. Надвор од тоа, напредокот кон изградба на одржлива инфраструктура веќе е почнат, со структура на лига сега поставена и редовни организирани сесии достапни за децата и за возрасните секоја недела.
– Има многу играчи на околните острови. Тие момци живеат на Маршалските Острови и помагаат да се развие фудбалот. Прво ќе се натпреваруваме против локални репрезентации што имаат слични цели, но нашите долгорочни цели се многу поголеми од тоа. Сакаме да бидеме признаени од ФИФА и сакаме да бидеме дел од Конфедерациските игри и од олимписките квалификации – рече Оверс. Н.М.