Фото: ЕПА

На Ливерпул му требаат уште шест бода за англиската титула, со што би станал седмиот клуб со барем 20 домашни трофеи во најсилните пет европски фудбалски првенства

ФУДБАЛ

Ливерпул се доближи до јубилејната 20-та титула во Англија со победата на дуелот со Вест хем, со 2-1, во 32. коло на фудбалската Премиер-лига и до израмнување на англискиот рекорд на Манчестер јунајтед според бројот на домашни титули. Ливерпул води и има 13 бода повеќе од второпласираниот Арсенал, а сезонава има уште шест кола.
Исто така, Ливерпул се доближи и до тоа да стане седмиот клуб со барем 20 домашни титули во најсилните пет европски фудбалски првенства (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија). Во тој трофеен клуб лани влезе Интер, повеќе од 20 пехари има Барселона, а над 30 домашни титули освоија Јувентус, Реал Мадрид и Баерн.
Од нив, во моментов водечки во своите шампионати сезонава се Интер, Барселона и Баерн, Реал Мадрид е второпласиран, а Јувентус е четврти. Интер води со шест бода пред Наполи на шест кола пред крајот на сезоната во Италија (Наполи има еден натпревар помалку). Иста бодовна разлика во германската Бундеслига има Баерн пред Баер, со уште 15 бода за освојување сезонава. Барселона, пак, е прва со четири бода предност пред Реал Мадрид, на седум кола до крајот на сезоната во Шпанија. Н.М.