Финансиската доминација на Премиер-лигата во Европа се зголеми на највисоката пропорција досега, бидејќи трошењето на англиските клубови од највисокиот ранг е 79 отсто од вкупниот број во најсилните европски фудбалски лиги, каде што трошоците во јануари паднаа за 35 отсто во однос на лани, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ – ЗИМСКИ ПРЕОДЕН РОК

Британскиот рекорд за вложени пари во трансфери беше соборен на последниот ден од јануарскиот преоден рок за фудбалери, а клубовите од Премиер-лигата потрошија 2,8 милијарди фунти во текот на сезоната 2022/2023, пишува „Би-би-си“.
Договорот на Челси од 121 милион евра (107 милиони фунти) за аргентинскиот играч од средниот ред на Бенфика, Енцо Фернандез, штом биде потврдено, ќе ги однесе вкупните трошоци на врвните клубови во јануари на рекордни 815 милиони фунти. Повеќе од 275 милиони фунти беа потрошени само на последниот ден на годинашниот зимски преоден рок од англиските клубови. Расходите забележаа зголемување од 83 отсто во однос на претходниот јануарски рекорд, поставен во 2018 година, кога беа вложени 150 милиони фунти.
И, додека рекордот на вложени пари заедно во летниот и во зимскиот преоден рок беше загарантиран откако беше поставен рекорд од 1,9 милијарда фунти во септември, конечниот вкупен износ е двојно поголем од претходниот рекорд од 1,4 милијарда фунти во 2017 година.
Зимскиот рекорд за трансфери на фудбалери од 430 милиони фунти од клубовите од Премиер-лигата во 2018 година, исто така, веќе беше соборен пред последниот ден на годинашниот зимски преоден рок, при што евентуалниот вкупен износ во 2023 година се зголеми за 90 отсто од тоа, и речиси тројно од претходниот јануарски трансфер-прозорец (295 милиони фунти), според фирмата за финансиски услуги „Делоит“, пишува „Би-би-си“.
Финансиската доминација на Премиер-лигата во Европа се зголеми на највисоката пропорција досега, бидејќи трошењето на англиските клубови од највисокиот ранг изнесуваше 79 отсто од вкупниот број во најсилните европски фудбалски лиги, т.н. „големи пет“ (Англија, Франција, Шпанија, Германија и Италија), каде што трошоците во јануари паднаа за 35 отсто во однос на 2022 година, на 255 милиони евра (225 милиони фунти).
Челси вложи повеќе во јануари, околу 288 милиони фунти, од сите клубови вкупно во Бундес-лигата, Ла лига, Серија А и Лига 1, пишува „Би-би-си“.

Меѓу клубовите од Англиската фудбалска лига (ЕФЛ), вложувањата се зголемија на 25 милиони фунти, во однос на 20 милиони фунти во претходниот зимски преоден рок, сепак, само три проценти од вкупните расходи на клубовите од Премиер-лигата (25 милиони фунти) беа потрошени за купување фудбалери од ЕФЛ, со рекордни 85 отсто потрошени за таленти што играат надвор од Велика Британија, пишува „Би-би-си“.
– Рекордното трошење на клубовите од Премиер-лигата сезонава е над сѐ што сме виделе досега. Клубовите од Премиер-лигата ги надминаа оние во другите европски „големи пет“ лиги за речиси четири спрема еден во овој преоден рок, овозможувајќи им да ги задржат своите клучни играчи, притоа привлекувајќи врвни таленти од странство. Меѓутоа, иако постои јасна потреба да се инвестира во големината и во квалитетот на тимот за да се задржи конкурентската предност, секогаш ќе има добра рамнотежа помеѓу давање приоритет на успехот на теренот и одржување на финансиската одржливост. Намалувањето на трошоците низ англискиот фудбалски систем веројатно ќе предизвика зголемена загриженост за членовите на Англиската фудбалска лига и може дополнително да ја поттикне дебатата за порамномерна распределба на финансиите низ пирамидата – рече Тим Бриџ, водечки партнер во „Спортс бизнис-групата“ на „Делоит“, пренесе „Би-би-си“.

Потпишувањето со Фернандез од Челси беше главна зделка на последниот ден од годинашниот зимски преоден рок, бидејќи „сините“ го урнаа британскиот трансфер-рекорд, претходно 100 милиони фунти на Манчестер сити за Џек Грилиш во 2021 година, за да го ангажираат 22-годишниот светски првак со Аргентина. Тотенхем го објави потписот на бекот Педро Поро од Спортинг на заем до крајот на сезоната, со обврска да го купи за 45 милиони евра (40 милиони фунти), дефанзивците Мет Доерти и Џед Спенс (заем) им беше дозволено да заминат. Лидерот Арсенал се засили со купувањето на италијанскиот играч за врска Жоргињо од Челси за 12 милиони фунти, четвртопласираниот Манчестер јунајтед го комплетира потпишувањето на заем на австрискиот играч за врска Марсел Сабицер од Баерн, Саутемптон забележа клупски рекорд од 22 милиони фунти за крилниот напаѓач од Гана, Камалдин Сулемана, а потпиша и со нигерискиот напаѓач Пол Онуачу…, пишува меѓу другото „Би-би-си“.