ПО СТУДИЈАТА НА ФИФА И НА ФИФПРО
Според извештајот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и на Синдикатот на играчи (ФИФПРО), во кој се анализирани 400.000 објави на социјалните мрежи за време на полуфиналињата и финалињата на Европското првенство (ЕП) во 2020 година и на годинашниот Куп на нации на Африка (АФКОН), утврдено е дека над 50 насто од играчите добиле некаков вид навредливи пораки.
– Наша должност е да го заштитиме фудбалот, а тоа почнува со играчите, кои ни причинуваат многу радосни мигови и среќа на сите нас со нивните подвизи на теренот. За жал, се развива тренд каде што процентот на објави на социјалните мрежи насочени кон играчи, тренери, официјални лица на натпреварите и кон тимовите е неприфатлив. Оваа форма на дискриминација, како и секоја форма на дискриминација, нема место во фудбалот – изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Извештајот покажа дека најголемиот дел од малтретирањата во двата случаи доаѓале од матичните земји на играчите. Во извештајот се наведува и дека за 90 отсто од објавите означени како навредливи коментари постои „голема веројатност“ за идентификација.
Како одговор на тоа, се очекува ФИФА и ФИФПРО да воведат наменска „услуга за модерирање на турнирите“, која ќе ги препознава познатите термини за говор на омраза објавени на социјалните мрежи. Откако ќе се откријат, целта е да се спречи коментарот да биде виден од примачот и од неговите следбеници.
– Онлајн злоупотребата е општествено прашање и како индустрија не можеме да прифатиме дека оваа нова форма на злоупотреба и дискриминација влијае на толку многу луѓе, вклучувајќи ги и нашите играчи. Оваа соработка ја препознава одговорноста на фудбалот да ги заштити играчите и другите засегнати групи од злоупотребата со која сѐ повеќе се соочуваат на и околу нивното работно место – изјави претседателот на ФИФПРО, Давид Аганзо.
Л.Д.