ФИФА е посветена на искористување на технологијата за подобрување на фудбалската игра на сите нивоа, а употребата на полуавтоматска офсајд-технологија на СП 2022 е најјасен можен доказ, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. Технологијата за гол-линијата првпат беше во употреба на СП 2014, на СП 2018 беше воведен ВАР, а на СП 2022 првпат ќе се користи полуавтоматска технологија за офсајд
ФУДБАЛ
На Светското првенство (СП) што ќе се одржи во Катар годинава ќе се користи „полуавтоматска технологија за офсајд“, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА), која потврди дека технологијата за следење на топката и на екстремитетите ќе биде во функција во Катар по успешното тестирање, вклучувајќи ги и мечевите на клупското СП во февруари годинава. Оваа технологија се воведува за да обезбеди попрецизни и побрзи одлуки за офсајд од сегашниот систем за видеопомошник-судија (ВАР).
– На СП 2018 во Русија, ФИФА направи храбар чекор користејќи ја технологијата ВАР на најголемата светска сцена, што се покажа како неоспорен успех. Полуавтоматизирана офсајд-технологија е еволуција на системите ВАР, кои се имплементирани низ целиот свет. Оваа технологија е кулминација на тригодишното посветено истражување и тестирање за да се обезбеди најдоброто за тимовите, играчите и за навивачите во Катар. ФИФА е горда на оваа работа и со нетрпение чекаме светот да ги види придобивките од полуавтоматската офсајд-технологија. ФИФА е посветена на искористување на технологијата за подобрување на фудбалската игра на сите нивоа, а употребата на полуавтоматска офсајд-технологија на СП 2022 е најјасен можен доказ – изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Претседателот на судискиот комитет на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, додаде дека ВАР имаше многу позитивно влијание врз фудбалот, што се забележува и од драстично намалениот број големи грешки.
– Очекуваме полуавтоматската офсајд-технологија да нѐ однесе чекор понатаму. Свесни сме дека процесот за проверка на можен офсајд понекогаш трае предолго, особено кога е многу тешко да се утврди дали постои. Тука доаѓа полуавтоматска офсајд-технологија, за да понуди побрзи и попрецизни одлуки. Тестирањето беше голем успех и ние сме уверени дека во Катар ќе имаме многу вредна алатка, која ќе им помогне на судиите и на помошниците да ја донесат најдобрата и најправилната одлука на теренот. Некој тоа го нарече „робот офсајд“, но не е тоа. Судиите и помошните судии уште се одговорни за одлуките на теренот – рече Колина.
Полуавтоматската офсајд-технологија и технологијата поврзана со топката ќе им бидат претставени на земјите што се квалификуваа за СП 2022 на работилница во Доха идната недела.
Светското првенство во Катар ќе биде трето по ред на кое ФИФА воведува нова технологија за помош на судиите. Технологијата за гол-линијата беше во употреба во Бразил во 2014 година, а во Русија во 2018 година беше воведен ВАР. Л.Д.
Со 12 камери се следат топката и до 29 „мерни точки“ на секој играч, 50 пати во секунда
Новата полуавтоматска технологија за офсајд користи 12 камери поставени под покривот на стадионот за следење на топката и до 29 „мерни точки“ на секој играч, 50 пати во секунда, пресметувајќи ја нивната точна позиција на теренот. Исто така, новата технологија располага со сензор за инерцијална мерна единица (ИМЕ) на средината на топката, која испраќа податоци за локацијата до просторијата за видеооперација 500 пати во секунда, овозможувајќи попрецизно откривање на точката на ударот при додавањето. Системот овозможува 3Д-анимација на офсајд-одлуките што ќе им се прикажуваат на гледачите. Л.Д.