Фото: ЕПА

Во полуфиналето ќе се соочат подобриот од дуелот Италија – Германија и победникот од двомечот Данска – Португалија, додека подобриот од Холандија – Шпанија ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Хрватска и Франција

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ, ЖДРЕПКА

Познати се двојките за плејоф-дуелите во Лигата на нациите помеѓу репрезентациите што ќе се борат за славеничкиот пехар. Така, по групната фаза најдобрите продолжуваат во четврт-финалето, а таму најголем интерес привлекуваат средбите Холандија – Шпанија и Италија – Германија (финале на СП 1982). Во полуфиналето, пак, ќе се соочат подобриот од дуелот Италија – Германија и победникот од двомечот Данска – Португалија, додека подобриот од Холандија – Шпанија (финале на СП 2010) ќе се сретне со подобриот од дуелите меѓу Хрватска и Франција (финале на СП 2018). Меѓу осумте најдобри сезонава беа сите досегашни финалисти на ова натпреварување, Португалија, Холандија, Шпанија, Франција и Хрватска, како и репрезентациите на земјите што досега беа домаќини на фајналфор-турнирот, Португалија, Италија и Холандија. Актуелен првак во Лигата на нациите е Шпанија, а по еден трофеј во ова натпреварување имаат уште Франција и Португалија.
Познати се и двојките од четврт-финалето и дуелите од плејофот за опстанок во групите од Лигата на нациите, кои беа исто така одредени на вчерашната ждрепка во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА). Имаше вкупно пет извлекувања, и тоа за четирите двојки од четврт-финалето, а потоа и за полуфиналето на патот кон трофејот, како и три извлекувања за доигрувањата за опстанок во лигите А, Б и Ц.
Пред ждрепката за четврт-финалето носители беа репрезентациите на Шпанија, Германија, Португалија и на Франција, како победници на групите во лигата А, а неносители се селекциите на Италија, Холандија, Данска и на Хрватска, кои беа второпласирани во своите групи. Ждрепката беше полудиригирана, оти не можеа меѓу себе да играат репрезентации што се сретнаа во групната фаза (Шпанија и Данска, Германија и Холандија, Португалија и Хрватска, Франција и Италија).
Сите натпревари од плејофот и од четврт-финалето на програмата се од 20 до 31 март в година, а финалниот турнир на Лигата на нациите е закажан од 4 до 8 јуни. Г.И.


Четврт-финале во ЛН

Холандија – Шпанија
Хрватска – Франција
Данска – Португалија
Италија – Германија

Плејоф-лига А/Б
Турција – Унгарија
Украина – Белгија
Австрија – Србија
Грција – Шкотска

Плејоф лига Б/Ц
Косово – Исланд
Бугарија – Ирска
Ерменија – Грузија
Словачка – Словенија

Плејофот лига Ц
Гибралтар – Летонија
Малта – Луксембург