Ако буџетите одат до небо, тогаш проблем е нашиот натпреварувачки биланс. Не станува збор за сопствениците, туку за вредноста на натпреварувањето, затоа што ако пет клуба секогаш победуваат, тогаш веќе нема смисла. Но тоа мора да биде колективен договор. Се надевам дека тоа ќе биде направено што е можно поскоро, рече Чеферин

ФУДБАЛ

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, се надева дека може да се воведе ограничување на платите во европскиот фудбал и вели дека сите клубови се согласуваат на оваа тема, пишува „Би-би-си“. Чеферин рече дека разговарал со Европската комисија за ова прашање и дека имало разговори за донесување таква мерка.
– Изненадувачки, сите се согласуваат – изјави тој за американскиот медиум „Мен ин блејзерс“, пренесе „Би-би-си“.
Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, зборуваше за можноста за ограничување на платите во фудбалот во март, а темата е и на радарот на раководното тело на европскиот фудбал, пишува „Би-би-си“.
– Во иднина мора сериозно да размислуваме за ограничување на платите. Ако буџетите одат до небо, тогаш проблем е нашиот натпреварувачки биланс. Не станува збор за сопствениците, туку за вредноста на натпреварувањето, затоа што ако пет клуба секогаш победуваат, тогаш веќе нема смисла. Но тоа мора да биде колективен договор, секоја лига и УЕФА. Затоа што ако ние го правиме тоа, а другите лиги не го сторат тоа, тогаш нема смисла. Се надевам дека тоа ќе биде направено што е можно поскоро. Засега го имаме новото правило по 2024 година дека може да потрошите до 70 отсто од приходите за плати и за трансфери, но тоа не е доволно, бидејќи ако приходите ви се пет милијарди, 70 проценти се многу. Значи, ова е иднината и не се плашам од сопствениците на клубовите да бидат премногу моќни или ништо друго. УЕФА го води европското натпреварување и сега имаме одлични односи со Европската клупска асоцијација – рече Чеферин.
Тој исто така разговараше за шансите финалето на Лигата на шампионите да се одржи во САД. Чеферин не ја исклучи таквата можност, но изјави дека тоа нема да биде барем до 2026 година.
– Почнавме да разговараме за тоа, но една година беше Светското првенство, во 2024 година е Европското првенство, годинава финалето е во Истанбул, во 2024 година во Лондон и во 2025-та во Минхен и потоа да видиме. Можно е – рече тој. Н.М.