Фудбалерите на Данска и на Белгија запреа со игра во 10-та минута од мечот на Европското првенство на стадионот „Паркен“ во Копенхаген, во знак на поддршка кон данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен кој закрепнува во болница, откако колабираше на претходниот дуел против Финска.

Денешната средба во Копенхаген е во знак на данскиот играч за врска. Навивачите на трибините истакнаа транспарент со пораката „Цела Данска е со тебе, Кристијан“. Голем дел од присутните љубители на фудбалот носеа и дресови со „десетката“ на Ериксен. А пред почетокот на средбата на теренот беше истакната и голема реплика на дресот на Ериксен. Данска води со 1-0 по првото полувреме со голот на Јусуф Полсен од втората минута.

Дваесет и деветгодишниот фудбалер добро закрепнува, но ќе остане во болница за натамошни испитувања.