Роналдо и Инфантино

Инфантино врши притисок за проширување на Светското клупско првенство од седум на 24 клуба, кое би се одржувало на секои четири години, на што се противи УЕФА

Заедничкиот одговор на плановите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за зголемување на Светското клупско првенство (СКП) на 24 екипи беше предмет на расправа на состанокот на најмоќните фудбалски клубови, организиран од Европската фудбалска унија (УЕФА) пред финалето на Лига Европа (ЛЕ) во Лион.
Многу од учесниците отпорано веќе изразија непријателство кон планот на Џани Инфантино, претседателот на ФИФА.
Советот на УЕФА, со кој претседава првиот човек, Александар Чеферин, ги собра заедно претставниците на Европската асоцијација на клубови (ЕКА), неодамна преименуваните европски лиги (ЕПФЛ) и синдикатот на фудбалери (ФИФПРО).
Инфантино врши притисок за проширување на СКП од седум на 24 клуба, кое би се одржувало на секои четири години. Во моментов тоа се игра секоја година. Во исто време, тој се надева дека ќе стартува и со биеналниот турнир, на секои две години, во Лигата на нациите (ЛН) на глобално ниво.

Инфантино вели дека има понуда од 25 милијарди долари во текот на 12 години за двете натпреварувања, СКП и ЛН, од група инвеститори што Фајненшел тајмс ги идентификува како Софтбанк од Јапонија и владите на Кина и на Саудиска Арабија. Само за СКП, конзорциумот „гарантира минимални приходи од 12 милијарди долари за четири изданија, од 2021 до 2033 година“. Документот до кој дошол АФП, ФИФА веќе им го презентирала на седум големи европски клуба, како што се европскиот шампион Реал, шпанскиот шампион Барселона и германскиот шампион Баерн.
Според тој документ, 12 од 24-те тима на СКП ќе бидат од Европа, четири или пет од Јужна Америка, по два од Северна и Средна Америка, Азија и Африка, а Океанија за преостанатото последно место ќе разигрува со тим од Јужна Америка. На последните четири победници во Лигата на шампионите (ЛП) ќе им биде загарантирано учеството. Претставниците од Европа би можеле да заработат помеѓу 50 и 80 милиони долари.
Некои клубови веќе ја изразија својата поддршка на планот.

Одборот на директори на Барселона е на мислење дека турнирот ќе биде „возбудлив, динамичен, инклузивен и престижен“. Тие велат дека тоа „ќе создаде глобална платформа преку која клубовите ќе придонесат за порастот на нивните брендови“.
Емилио Бутрагуено, шефот за односи со јавноста на Реал, за телевизиската клупска станица рече дека мисли оти за обожавателите тоа би можело да биде многу интересно натпреварување.
Од своја страна, Инфантино вели дека му е потребен договор што поскоро, бидејќи конзорциумот на ФИФА му даде рок од 60 дена, а потоа парите ќе „исчезнат“. Тој се надева дека ќе добие одобрение на Конгресот на ФИФА на 13 јуни во Москва, пред почетокот на Светското првенство (СП).

За разлика од Инфантино, Чеферин не е баш најсреќен.
– ФИФА не треба да се состанува само со седум федерации или клубови и да разговара со нив за работи што се однесуваат на целиот европски фудбал. Знам дека најмалку три од седумте клуба не се согласуваат со тоа што ФИФА сака да го направи. Тие ги поканија само клубовите, сметајќи дека само тие се прашуваат – рече тој во едно неодамнешно интервју.
Инфантино инсистира на тоа дека новиот формат ќе го намали бројот на натпревари во четиригодишниот циклус, но некои национални лиги се скептични и се противат на воведувањето нови натпреварувања во фудбалските календари.
– ФИФА сама го поттикнува згуснатиот календар на меѓународни натпревари и недостигот од подолги периоди за одмор, кои им се многу неопходни на играчите – изјави главниот извршен директор на Премиер-лигата, Ричард Скамадор.