Во време кога фудбалот е во мирување, „Би-би-си“ сподели неколку прикaзни на сегашни и поранешни фудбалери од животот во соблекувалната, која може да се дефинира како место на големо заедништво, но понекогаш и на поделба, каде што мечеви се добиваат или, пак, се губат пред воопшто и да почнат

Тоа е многу единствено. Таму имате толку многу различни карактери, националности, возрасти, хобија. Може да има момчиња на 17-18 години што дебитираат во првиот тим, а има и 35-годишници на крајот од кариерите. Кога почнував, бев многу срамежлив, мошне тивок. Кога првпат отидов во Вулверхемптон, не знаев никого. Заминав од дома, скокнав во таа мешаница со двете нозе и станав еден од нив, вели Мат Џарвис (33), поранешен играч на Вулверхемптон и на Вест Хем, за „Би-би-си“, кој во време кога фудбалот е во мирување поради пандемијата на коронавирусот сподели неколку искуства на сегашни и поранешни фудбалери од животот во соблекувалната, внатрешниот свет на фудбалот, која може да се дефинира како место на големо заедништво, но понекогаш и на поделба, каде што мечеви се добиваат или, пак, се губат пред воопшто и да почнат.

Според Марвин Сордел, кој играл за повеќе клубови и минатата година, на 28-годишна возраст, се пензионира, конфронтацијата меѓу соиграчите е почеста отколку што може да се очекува. Но, некои аспекти од животот во соблекувалната се постојани, иако има и разлики.
– Кога играв во пониска лига, соблекувалните беа помали. Таму фудбалерите не заработуваат еден тон пари и сите се боревме за истата кауза. Кога играв во повисока лига, имаше повеќе пари и играчи што мислеа само за себе, наместо за тимот, и си имаа своја агенда – вели Сордел.
Во Премиер-лигата, каде што барањата се поголеми, како и парите, често постои притисок тоа да се усогласи, објаснува поранешниот дефанзивец на Манчестер сити и на Квинс Парк Ренџерс, Недум Онуоха.
– За некои луѓе, сѐ се врти околу нивниот имиџ. Колку следбеници имате на социјалните мрежи? Дали го имате новиот автомобил? Дали ја имате новата игра – раскажува Онуха.

Според неговото искуство, често најважната личност во соблекувалната не е еден од фудбалерите, менаџерот или членот на стручниот штаб. Човекот задолжен за опремата на фудбалерите е тој што ја создава позитивната атмосфера.
– Тие имаат тенденција да бидат животот и душата на тој простор затоа што ве гледаат секој ден. Тие таму поминале долго време, ве опуштаат и ги зближуваат луѓето со своите шеги. Таков беше Лес Чепман во Манчестер сити, тој беше клучниот човек, сакан од сите, секогаш позитивен – вели Онуха.
Џоби Меканаф, кој минатата година како капитен го водеше Лејтон Ориент во титулата во Националната лига, вели дека обединетата соблекувална може да направи предност.


Ѓоре Јовановски: Број еден во соблекувалната е тренерот

Најбитната личност, број еден во соблекувалната е тренерот. Тој треба да има авторитет, знаење, треба да биде добар психолог, тој е задолжен за заедништвото и за добрата атмосфера во тимот. Потребно е да ги почитува фудбалерите, да верува и да има разбирање за нив, бидејќи станува збор за најразлични карактери. Јас лично по изгубен меч никогаш не сум критикувал ниту еден играч, бидејќи емоциите, адреналинот и нервозата се големи, па може да се каже нешто избрзано.

Исто така, за соблекувалната е битен и капитенот, кој прво треба да поседува карактер, па потоа да е добар фудбалер. Од многуте капитени во мојата долгогодишна кариера со кои сум играл, би ги издвоил Мето Спасовски и Кочо Димитровски, прекрасни луѓе и уште подобри фудбалери, вели Ѓоре Јовановски, поранешен фудбалер на Вардар и на Црвена звезда.


Кочо Димитровски: Тренерот, капитенот и поискусните играчи се главни

Тренерот и капитенот, неговата десна рака, како и постарите, поискусни играчи, се неприкосновени во соблекувалните. Нивниот збор е прв и последен, тие се главни. Е сега, има различни тренери, посмирени, потемпераментни, исто и капитени, но од нив зависи целокупната атмосфера, на тренинзите, пред и по натпреварите. А се знае како е кога си помлад играч, си молчиш, ги слушаш постарите, кои, пак, вината за што било лошо направено ја префрлаат кај помладите, ха, ха. Јас подоцна, како капитен, десетина години се обидував да искористам по нешто, да „купам“ од сите претходници, кога треба да се викне, да се смири ситуацијата и слично.

Најбитната работа е да се задржи заедништвото, сите играчи да се здружени, да имаат иста цел. Имало и многу анегдоти, пријатни и непријатни ситуации во соблекувалните, но сето тоа останувало меѓу нас, мислам дека така треба да биде, вели Кочо Димитровски, легендата на Вардар, фудбалерот со најмногу одиграни натпревари, 845.
Што се сменило оттогаш, на подобро или на полошо?

– Времињата се менуваат, играчите се други, има сѐ повеќе пари, односите се поинакви. Гледаме сите што се случува денес. Пред важни европски натпревари, на пример во соблекувалните, на час-два пред почетокот сите со слушалки на ушите, се опуштаат слушајќи музика, не разговараат меѓу себе.

Јас три-четири часа пред натпреварите бев како на трње, нервозен, мислев што и како ќе биде, какво опуштање, нѐ чека борба. Мислам дека фудбалерот не треба да биди опуштен пред меч, тоа може кога ќе заврши натпреварот, потребна е таа позитивна трема, напнатост – вели Димитровски.