Зголемувањето од три на пет замени привремено беше воведено во мај 2020 година, како одговор на пандемијата на коронавирусот и пренатрупаниот распоред на натпревари по паузата. Во мај годинава тоа беше продолжено до крајот на 2022 година. „Препорачано е во натпреварувањата да може да се одлучува за зголемувањето на бројот на замените според потребите на нивната фудбалска средина“, се вели во соопштението на ИФАБ

ФУДБАЛ

Бордот на интернационалната фудбалска асоцијација (ИФАБ), задолжен за измени во правилата на фудбалската игра, препорача петте замени по натпревар во иднина да бидат постојани. Ова беше сугерирано за време на виртуелниот состанок со кој претседаваа Светската фудбалска федерација (ФИФА) и техничките советодавни панели на ИФАБ, по големиот број барања од конфедерации, федерации, лиги и други клучни засегнати страни.
– Препорачано е во натпреварувањата да може да се одлучува за зголемувањето на бројот на замените според потребите на нивната фудбалска средина – се вели во соопштението на ИФАБ.
Зголемувањето од три на пет замени привремено беше воведено во мај 2020 година, како одговор на пандемијата на коронавирусот и пренатрупаниот распоред на натпревари по паузата. Во мај годинава тоа беше продолжено за уште 18 месеци, до крајот на 2022 година и завршувањето на Светското првенство (СП) во Катар.
Но англиската Премиер-лига одлучи да не го користи тоа за сезоната 2020/2021 и се врати на три замени, што важи и за тековната сезона, бидејќи така одлучија клубовите. Менаџерите на Манчестер сити и на Ливерпул, Пеп Гвардиола и Јирген Клоп, ја критикуваа одлуката да не се користат по пет замени во Премиер-лигата, особено што таа бројка е дозволена во Лига-купот и во ФА-купот во Англија, како и во европските натпреварувања.
Други теми за кои се дискутираше на состанокот на советодавниот панел на ИФАБ беа појаснувањата, односно потврда дека голманот мора да биде на гол-линијата пред играчот да го изведе пеналот. Во меѓувреме, глобалното тестирање за дополнителни трајни замени при потрес на мозокот беше продолжено по првичниот датум на завршување во август 2022 година, за да се соберат повеќе релевантни податоци. Барањето на Фудбалската конфедерација на Јужна Америка (КОНМЕБОЛ) да се зголеми времетраењето на паузите помеѓу двете полувремиња од 15 минути на 25 минути кај неколку члена на ИФАБ предизвика загриженост за благосостојбата и за безбедноста на фудбалерите.