Одметнатите фудбалски клубови се чини дека го следат рецептот на кошаркарската Евролига кога станува збор формирањето на Суперлигата во која ќе играат најбогатите.

Дванаесет од најбогатите европски клубови ја соопштија намерата за создавање на Суперлига, во која 15 екипи би имале гарантирано учество, а пет би влегувале преку квалификации секоја година.

Во јуни 2000 година нешто слично се случи во кошарката, кога девет клуба се одметнаа за да формираат нивна Евролига, откако бараа поголема моќ во процесот за одлучување. Реал Мадрид, Барселона, Басконија, Олимпијакос, Жалгирис, Бенетон, Киндер, АЕК и Фортитудо беа основачи на Евролигата, со што ставија крај на дотогашниот Европски куп.

Овие клубови се спротивставија на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) за да ја оформат Унијата на кошаркарски лиги (УЛЕБ), со што новото натпреварување почна од сезоната 2000/01.

Следната сезона се одржуваа Супролига и Евролига, со што повеќе клубови од првото натпреварување се придружија на второто веќе по една сезона. А Супролигата беше укината во 2004 година.

Фудбалската Суперлига нема да биде потполно затворено натпреварување, исто како и Евролигата, што ја прави да се разликува од НБА-лигата.

Евролигата од 2015 година воведе гарантирано учество за 13 клуба во период од 10 години, како и покани за дел од другите учесници. Промената уследи заедно со договорот за телевизиските права вреден 630 милиони евра. Системот не беше базиран врз резултатите, па не наиде на одобрување од ФИБА. Ова исто така наликува на односот меѓу Суперлигата со ФИФА и УЕФА, со што се предвидува дека меѓународните фудбалски институции ќе бидат многу поостри кон одметнатите клубови.