Беше неверојатно да се види атмосферата на „Енфилд“, да остварам еден од моите соништа, да бидам таму, да ја почувствувам љубовта на луѓето, да бидам дел од тимот со клупски легенди, вели Суарез, пред мечот вечерва во ЛШ на гости кај Ливерпул, за кој настапуваше од 2011 до 2014 година

ФУДБАЛ – ЛУИС СУАРЕЗ, НАПАЃАЧ НА АТЛЕТИКО

Уругваецот Луис Суарез (34), напаѓач на Атлетико, кој вечерва, во меч од четвртото коло во Лигата на шампионите (ЛШ), му гостува на Ливерпул, во интервју за интернет-страницата на Европската фудбалска унија се потсетува на времето кога играше за „црвените“, за филозофијата на Брендан Роџерс, за „неверојатните“ навивачи и за играњето со некои клупски легенди.
За трансферот во Ливерпул во 2011-та, за атмосферата на „Енфилд“ и за играњето со клупските легенди: Кога пристигнав во Ливерпул се сетив дека тоа е тимот со кој играв на „Плејстејшн“. Секој фудбалер би сакал да игра таму. Беше неверојатно да се види атмосферата на „Енфилд“, да остварам еден од моите соништа, да бидам таму, да ја почувствувам љубовта на луѓето. За мене беше неверојатно да бидам дел од тимот со играчи како Стивен Џерард, Мартин Шкртел, Даниел Агер, Пепе Реина и Џејми Карагер, клупски легенди.
За моќта на „Никогаш нема да чекориш сам“: Зборовите кажуваат сѐ. Може да имате лош натпревар, но тие никогаш нема да престанат да веруваат во вас. Нема да ве остават да чекорите сам. Луѓето нема да ве исвиркуваат ако загубите топка. Таа самодоверба што ви ја даваат луѓето беше огромна.
За поранешниот менаџер на Ливерпул, Брендан Роџерс: Мислам дека бев во Ливерпул една и пол година кога Брендан ја презеде менаџерската функција. Тогаш можев да потпишам за други клубови, но тој ми се јави да ми каже дека сака да игра допадлив фудбал, да го врати клубот во ЛШ и да игра за трофеи. Уживав во тој разговор, тој беше убедлив, ми се допадна филозофијата што сакаше да ја спроведе. Разговарав со мојот агент и со клубот и им кажав дека сакам уште една можност да бидам успешен во Ливерпул. Таа година не беше толку добра како што сакавме, но идеите веќе беа мошне јасни.

Сезоната 2012/2013 помина и сакав да потпишам за Арсенал бидејќи секоја сезона играше во ЛШ. Имав разговори со менаџерот и со капитенот Џерард, кој ме убеди да останам. Му кажав дека сакам да бидам успешен, дека сакам да играм во ЛШ. Тој ми рече: „Ако и годинава продолжиме да се подобруваме и ако ти бидеш на нивото на кое треба да бидеш, наредната година ќе можеш да играш за Баерн, Реал или за Барселона. Ќе имаш шанса да избереш, но остани уште една година“. Се сеќавам на тој разговор и на сѐ што ми кажа Роџерс. И тоа беше година кога бевме блиску до освојување на Премиер-лигата.
За поразот од Ливерпул со 2-3 во 3. коло во Мадрид и за тоа како да се игра вечерва: На вакви мечеви со големи тимови и во ЛШ, често решаваат детали, најмала грешка, милисекунда, сѐ се плаќа. Ако од првиот до последниот свиреж не играте максимално концентрирано, со голема желба за победа, плаќате за тоа. Мислам дека тоа ни се случи против Ливерпул. Секој тим има добри и лоши страни. Знаеме колку е добар Ливерпул во контранапад. Знаеме дека имаат и некои слабости, кои би можеле да ги искористиме. Мораме да бидеме внимателни, затоа што имаат и дополнителен играч, публиката.


Симеоне знае како да му помогне на играчот

Тренерот игра важна улога за самодовербата на играчот. Кога ќе види дека играчот нема голема самодоверба на тренингот или на мечот, тој зборува со него и го убедува дека е способен да биде подобар, велејќи: „Има причина зошто играш за Атлетико, има причина зошто си тука. Претходниот меч не беше ништо, мора да продолжиш да се обидуваш да бидеш подобар“. Тој има голема страст за фудбалот, беше врвен играч и знае што му треба на фудбалерот во тешките моменти. Затоа е еден од најдобрите тренери во светот и има големи успеси со Атлетико. Тоа е поради неговата личност и неговиот начин на доживување на фудбалот и, се разбира, поради техничкото знаење и мудроста, вели Луис Суарез за тренерот на Атлетико, Диего Симеоне.