За утре е договорен и состанок со клубовите за да се разгледаат опциите. Крајниот рок за одлуката дали и како ќе го завршиме првенството е 25 мај, но одлуката најверојатно ќе биде донесена порано, вели Златко Андоновски, портпаролот на ФФМ

И покрај ублажување на некои мерки во поглед на можноста да се тренира под одредени услови, уште е нејасно дали и кога ќе продолжи фудбалскиот шампионат на Македонија (треба да се доиграат уште 13 кола), прекинат поради пандемијата на коронавирусот. Постојат опции, како што е играње по скратен систем, како и прекин на првенството по 23-то коло.
– За утре е договорен и состанок со клубовите за да се разгледаат опциите.

Крајниот рок за одлуката дали и како ќе го завршиме првенството е 25 мај, но одлуката најверојатно ќе биде донесена порано – вели Златко Андоновски, портпаролот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Од други европски земји, во Србија ќе се доиграат преостанатите четири кола, без плејоф, почнувајќи од 30 мај па до 20 јуни, со финалето на Купот на 24 јуни, во Хрватска фудбалот ќе се рестартира на 30 мај со финалето на Купот, а прволигашките мечеви треба да продолжат на 6 јуни, во германската Бундес-лига продолжението на првенството е закажано за викендов, а во тек се подготовките за продолжување на првенствата во Англија, Шпанија и во Италија, од средината на јуни.

Единствена од петте најсилни европски лиги првенството го прекина Франција, а лигите завршија во Холандија и во Белгија, со различна разврска околу првакот и испаѓањето.