ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА МЛАДИНСКИОТ КОНТИНЕНТАЛЕН ШАМПИОНАТ

Македонската репрезентација за фудбалери до 21 година ги заврши подготовките во Скопје и заминува за Фарски Острови, за дуелот утре (од 15 часот), во 6. коло во квалификациите за пласман на младинското Европско првенство в година. По несреќниот пораз од Шпанија во Скопје, на избраниците на селекторот Благоја Милевски, Ѓоре Јовановски, еден од најтрофејните македонски тренери и поранешен селектор на Македонија, вели дека фудбалерите од селекцијата до 21 година заслужуваат само честитки за прикажаната игра против Шпанија и за односот што го покажаа кон репрезентативниот дрес.

– Кога ќе се анализира натпреварот од секој агол, можеме да бидеме само горди на прикажаното од наша страна. Ова го велам и од стручен аспект, но тоа го потврдуваат и луѓе што го следат фудбалот на поинаков начин или единствено како гледачи. Фудбалерите на Милевски заслужуваат честитки пред сѐ за односот кон играта, тактичката зрелост и безусловното држење до инструкциите од стручниот штаб. Шпанија е светска фудбалска сила и тие се особено доминантни во младите категории, а кога на еден таков состав нема да му дозволите да создаде ниту една шанса или полушанса за погодок, тогаш знаете дека сте завршиле голема работа. Овие момци имаат квалитет и сметам дека се голема перспектива на нашиот фудбал – вели Јовановски за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија.

Македонија засега е на третото место со седум бода, еден помалку од Израел, двете од по пет меча. Со седум бода се и Казахстан од шест средби и Црна Гора од седум натпревари. Во групата води Шпанија, со 16 бода од шест средби. На ЕП 2021 во Словенија и во Унгарија ќе се пласираат првопласираните во деветте групи, како и петте најдобри меѓу второпласираните селекции.

– Психолошки, сметам дека натпреварот со Шпанија може само позитивно да влијае на фудбалерите спроти дуелот со Фарски Острови. Момците покажаа дека можат да се надигруваат со најдобрите и треба да го задржат тоа ниво. Ќе влеземе како фаворити, но треба да бидеме и внимателни. Немам сомнение дека селекторот ќе направи добра подготовка за дуелот, а играчите треба да ги повторат професионализмот и односот кон играта. Мислам дека сме на вистинскиот правец и верувам во оваа репрезентација – вели Јовановски.


ДВОЈКИ
Ф. Острови – Македонија утре, 15 ч.
Израел – Казахстан утре, 19.40 ч.

ТАБЕЛА
Шпанија 6 5 1 0 10-1 16
Израел 5 2 2 1 7-6 8
Македонија 5 2 1 2 10-7 7
Казахстан 6 2 1 3 7-10 7
Црна Гора 7 2 1 4 9-8 7
Фарски О. 5 1 0 4 6-17 3