Голманот, по тројца од одбраната, средниот ред и од нападот што ќе добијат најмногу гласови ќе бидат меѓу 11-те најдобри во светот за сезоната 2020/2021, а преостанатото место ќе му припадне на следниот фудбалер со најмногу гласови
ФУДБАЛ
Десет фудбалери што настапуваат во англиската Премиер-лигата се меѓу 23-те номинирани за изборот на најдобрите 11 во светот за сезоната 2020/2021, во организација на Синдикатот на играчи (ФИФПРО) и Светската фудбалска федерација (ФИФА).
На листата се голманите Алисон Бекер, Џанлуиџи Донарума и Едуард Менди, потоа играчите од одбраната Давид Алаба, Жорди Алба, Трент Александер-Арнолд, Дани Алвеш, Леонардо Бонучи и Рубен Дијас, плејмејкерите Серхио Бускетс, Кевин де Брујне, Бруно Фернандеш, Френки де Јонг, Жоржињо и Н’Голо Канте и напаѓачите Карим Бензема, Кристијано Роналдо, Ерлинг Холанд, Роберт Левандовски, Ромелу Лукаку, Килијан Мбапе, Нејмар и Лионел Меси, кој минатиот месец ја освои седмата „златна топка“ за најдобар фудбалер на годината во изборот на францускиот магазин „Франс фудбал“.
Голманот, по тројца одбранбени играчи, фудбалери од средниот ред и напаѓачи што ќе добијат најмногу гласови ќе бидат меѓу 11-те најдобри во светот, а преостанатото место ќе му припадне на следниот фудбалер со најмногу гласови.
На листата за годинава се 12 играчи што веќе биле избрани меѓу најдобрите 11 во претходните години (Бекер, Александар-Арнолд, Алвеш, Бонучи, Де Брујне, Де Јонг, Канте, Левандовски, Мбапе, Меси, Нејмар и Роналдо). Меси и Роналдо го делат рекордот за најмногу избори меѓу најдобрите, по 14, а Роналдо е единствениот што се појавил на сите досегашни листи со номинирани (Меси 16 пати, Алвеш 15…). Тројца фудбалери првпат се во потесниот круг, Дијас, Жоргињо и Менди. Бразил, Франција и Италија имаат по тројца играчи. Во ланските најдобри 11 беа Бекер, Александар-Арнолд, Дејвис, Ван Дајк, Рамос, Алкантара, Де Брујне, Кимих, Левандовски, Меси и Роналдо, пишува ФИФА на својата интернет-страница.
Кај фудбалерките, на списокот од 23 номинирани се добитничката на „златната топка“ за годинава, Алексија Путелјас, Луси Бронз, најдобрата фудбалерка според ФИФА за 2020 година, потоа Алекс Морган, Вивијан Миедема, Ен-Катрин Бергер, Мили Брајт, Магдалена Ериксон, Перниле Хардер, Сем Кер итн.
ФИФА и ФИФПРО ќе ги објават двата најдобри тима на 17 јануари, за време на церемонијата за изборот на најдобрите во изборот на ФИФА.