Гласањето за тоа кој ќе биде домаќин на СП 2026 ќе се одржи на 13 јуни во Москва, пред почетокот на СП 2018

Заедничката понуда на САД, Канада и Мексико да бидат домаќини на Светското
првенство (СП) во 2026 година ќе ѝ донесе на Светската фудбалска федерација (ФИФА) заработка од над 11 милијарди евра, велат потенцијалните организатори на тоа СП, САД, Мексико и Канада. СП 2026 во Северна Америка би требало да донесе вкупен приход од над 14 милијарди евра.

Претседателот на Фудбалската федерација на САД, Карлос Кордеиро, најави дека тоа ќе биде „најуспешното СП досега“. Гласањето за тоа кој ќе биде домаќин на СП 2026 ќе се одржи на 13 јуни годинава во Москва, пред почетокот на СП 2018.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изјави дека би било „срамота земјите што ние секогаш ги поддржуваме“ да лобираат против кандидатурата на САД.
Сепак, Кордеиро се надева оти членовите на ФИФА ќе се дистанцираат од политиката при гласањето следниот месец.

– Прашањето за тоа кој ќе биде домаќин на СП 2026 понекогаш непотребно се меша со геополитиката. Ние бараме при одлучувањето да се изземе моменталната политика и да се суди врз основа на квалитетот на нашата понуда – истакна Кордеиро.
САД еднаш беа домаќини, на СП 1994 година, а Мексико двапати, во 1970 и во 1986 година.

Мароко, кој е втората земја-кандидат за домаќин на СП 2026, последниве недели добива сѐ позначајна поддршка. Оваа северноафриканска земја во март веќе достави документација на 193 страници до ФИФА, со детали зашто би требало да биде домаќин на турнирот.

Мароканците, кои по петти пат се кандидати за СП, по неуспешните обиди во 1994, 1998, 2006 и 2010 година, во понудата имаат 14 стадиони во 12 града. Како своја предност тие го сметаат малото временско и километарско растојание меѓу градовите и стадионите и безбедноста, односно ниската стапка на криминал.

Како мана и слабост на мароканската понуда се сметаат лошата инфраструктура, сообраќајна и стадионска, која многу заостанува зад онаа во Северна Америка, каде што постојат голем број најсовремени спортски објекти на кои уште утре би можеле да се играат мечеви од највисок ранг. Мароко планира да гради седум нови стадиони, половина од потребните.

На СП 2026 првпат ќе настапат 48 репрезентации, кои ќе одиграат вкупно 80 натпревари, од кои 60 во САД и по 10 во Мексико и во Канада. Трите земји имаат вкупно 23 града-кандидати за одигрување натпревари, од кои потоа би останале 16 (во САД 10 и по три во Мексико и во Канада). 


Заработката за ФИФА, трошоците на земјите-домаќини

Финансиските проекции на ФИФА за претстојното СП 2018 во Русија се дека приходите од завршниот турнир, но и од квалификацискиот циклус, 2015-2018 ќе изнесуваат околу 5,5 милијарди долари. Заработката ќе беше уште поголема доколку на завршниот турнир се пласираа четирикратниот светски првак, Италија, и САД, чиј настап на СП на „фудбалскиот берзански пазар“ се проценуваше над половина милијарда долари.

Во 2015-та во финансискиот извештај на ФИФА беа објавени приходите од СП 2014 во Бразил. Во касата на ФИФА од тоа СП се слеале 4,8 милијарди долари, а трошоците изнесувале 2,2 милијарди долари. Најмногу пари ФИФА заработила од ТВ-правата, 2,4 милијарди долари, 1,6 милијарда долари од спонзорите и 527 милиони долари од продадените билети. Најголемиот дел трошоци биле за наградите за репрезентациите (476 милиони) и за ТВ-продукцијата (370 млн.). ФИФА му „помогнала“ на бразилскиот Организациски комитет со 453 милиони долари пред тоа, плус со уште 100 милиони по завршувањето на турнирот.

Организацијата на СП 2014 чинела околу 15 милијарди долари, од кои значителен дел биле јавни, државни пари. Бразил потрошил 3,6 милијарди долари само за изградбата и за реновирањето на 12 стадиони. Но само една година подоцна, некои од стадионите се претворија во „бели слонови“, односно во руини што пропаѓаат.