Во Англија преодниот рок ќе трае до 16 октомври, но само за домашни трансфери, и тоа премиерлигашите ќе можат да ангажираат само фудбалери од пониските дивизии во Англија

ФУДБАЛ – НА ПОЛНОЌ ЗАВРШУВА ЛЕТНИОТ ПРЕОДЕН РОК

По 10 недели гласини, шпекулации и привлечни зделки, останува да се реши кои ќе бидат фудбалските трансфери во последниот ден на летниот преоден рок за годинава. Трансфер-прозорецот официјално се затвора на полноќ.
Сепак, во Англија, на пример, ќе продолжи да работи до 16 октомври, но само за домашни фудбалски трансфери, и тоа премиерлигашите ќе можат да ангажираат фудбалери само од пониските дивизии во Англија, а нема да бидат дозволени трансфери помеѓу клубовите од Премиер-лигата, во тој период до 16 октомври.
„Би-би-си“ наведува повеќе фудбалери од првенствата на Германија, Шпанија, Англија и на Франција, кои би можеле да направат трансфер.
Според интерактивната страница на британскиот дневен весник „Гардијан“, до 4 октомври во петте најсилни фудбалски лиги во Европа (Германија, Шпанија, Англија, Франција и Италија) се направени над 1.180 трансфери на фудбалери, вредни околу 2,7 милијарди фунти (околу 2,9 милијарди евра).

Според весникот, во фудбалската Премиер-лига на Англија биле направени повеќе од 340 трансфери за вкупна сума од околу 1,3 милијарда фунти, во италијанската Серија А повеќе од 280 трансфери на играчи за околу 720 милиони фунти, во шпанската Ла лига над 210 трансфери за околу 660 милиони фунти, во француската Лига 1 над 280 зделки за околу 580 милиони, а во германската Бундес-лига повеќе од 190 трансфери за околу 500 милиони фунти.