Пеле, Зелер и Клосе се единствените што постигнале голови на четири светски првенства, а Роналдо досега по еднаш тресеше мрежи на СП во 2006, 2010 и во 2014 година
Португалецот Кристијано Роналдо, меѓу другите, со само еден гол на фудбалското Светско првенство во Русија може да се израмни со славниот Бразилец Пеле, како и со германските голгетери Мирослав Клосе и Уве Зелер.
Клосе е најдобар вкупен стрелец на светските првенства во фудбал со 16 гола постигнати на четири мундијали (по пет во 2002 и во 2006 година, четири во 2010-та и два на СП 2014). Токму Клосе и неговиот сонародник Зелер, како и славниот Бразилец Пеле се единствените што постигнале погодоци на четири светски првенства.
Зелер постигна вкупно девет гола, а мрежите ги тресеше по двапати на СП во 1958 година, 1962 и во 1966 година и трипати во 1970 година. Пеле, пак, постигна 12 гола, и тоа шест на дебито во 1958 година како 17-годишник, потоа по еден во 1962 и во 1966 година и уште четири на СП 1970. Од нив, Пеле има три светски титули, а Клосе и Зелер по една.
Капитенот на Португалија, Роналдо досега има само три гола на светските првенства, по еден во 2006, 2010 и во 2014 година, но со нов гол ќе стане само четвртиот фудбалер со голови на четири мундијали. Ако настапат во Русија и, секако, ако ја затресат мрежата шанса да се запишат на оваа листа би имале и неколку други фудбалери, како на пример Шпанецот Давид Виља (три гола на СП во 2006 година, пет во 2010 и еден на СП во 2014 година), Австралиецот Тим Кејхил (по два во 2006 и 2014 и еден во 2010), Мексиканецот Рафа Маркез (по еден во 2006, 2010 и во 2014) итн.
Само тројца над 10
Французинот Жист Фонтен е најдобар стрелец на едно фудбалско светско првенство (СП), бидејќи тој во 1958 година на СП во Шведска постигна 13 гола, на шест натпревари. Втор на оваа листа е Унгарецот Шандор Кочиш со 11 гола на пет меча во 1954 година во Швајцарија, а трет е Германецот Герд Милер со 10 погодока на шест дуели на СП во 1970 година во Мексико. Тоа се и единствените тројца со двоцифрен број голови на еден мундијал.
Навивачите на Перу први пристигнаа на СП во Русија
Фудбалските навивачи на Перу се први од странските држави што пристигнаа во Русија за да присуствуваат на претстојното Светско првенство (СП).
Перуанците во четвртокот преку Прага пристигнаа во Екатеринбург. Тие, откако ќе се запознаат со градот, ќе отпатуваат во руската престолнина Москва, каде што ќе присуствуваат на отворањето на СП (14 јуни) и ќе го проследат дуелот помеѓу Русија и Саудиска Арабија, а потоа ќе посетат и неколку други руски града.
На 21 јуни, тие повторно се враќаат во Екатеринбург, каде што ќе ја следат својата репрезентација на мечот со Франција. Перу на Мундијалот е во групата Ц, заедно со репрезентациите на Франција, Австралија и на Данска.