Македонската репрезентативка во џудо, членка на скопскиот клуб Миоки од Скопје, Борјана Поп Атанасова, постигна огромен успех на првиот ден од вториот Европски јуниорски џудо куп, кој денес и утре се одржува во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, во мошне силна конкуренција на натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 се џудисти, а 106 џудистки или вкупно 269. Боите на Македонија ги бранат 19 натпреварувачи, од кои десет во машка и девет во женска конкуренција.
Борјана Поп Атанасова, која настапи во тежинската категрија над 78 килограми, а која во борбата за бронзениот медал ја предводеше нејзиниот тренер Игор Паскоски, со извонредна борба ја совлада претставничката на Словенија, Тара Јањиќ со ипон уште во првата минута од борбата, што предизвика големо воодушевување кај присутната публика во СЦ „Јане Сандански“.
Според зборовите на Паскоски, ова е прв јуниорски медал на Македонија во оваа конкуренција по 2018 година, но мошне значаен за нашата држава, која по вто пат е организатор на овој Европски јуниорски џудо-куп во Скопје, по минатата 2023 година.
Свеченото отварање на Европскиот јуниорски џудо-куп, во одличнаорганизација се одржа попладнево, а истиот за отворен го прогласи претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) Владимир Трпаноски, кој при тоа на сите учесници им посака успех и убав престој во Скопје. По свеченото отворање следеше финалниот блок на борбите за медали и нивно доделување. Утре на вториот и последен натпреварувачки ден, продолжуваат натпреварите од 10.30 часот претпладне, а борбите за медал ќе следатб од 16.30 часот. Влезот во салата е слободен. Г.И.