Ќе се обидеме да им го нарушиме ритамот на игра на Украинците, да добиеме сет, потоа два, а зашто не и третиот, вели селекторот на македонските одбојкари, Никола Матијашевиќ

Нема одмор за најдобрите одбојкари на Македонија. По триумфот над Унгарија на гости со 3-2 во средата, во 1-то квалификациско коло во групата Ф за пласман на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2019-та, Македонија вечерва ја пречекува Украина (СРЦ „Кале“, 20.30 ч.) против која играше лани во финалето на Европската лига во Гентофте, Данска и загуби со 1-3.
Украинците важат за фаворити за освојување на првото место во групата, пред Македонија, Унгарија и Швајцарија.

– Објективно, Украина моментно е на малку повисоко квалитетно ниво од Македонија, Унгарија и од Швајцарија, која ја прегазија за нешто повеќе од еден час игра на првиот меч. Пред сѐ, физички се многу силни, имаат неколкумина одбојкари високи над два метра, одличен смеч-сервис и блок. Неколкумина одбојкари настапуваат во најквалитетните екипи и лиги во Европа, како Иан Ерешченко, играчот на руски Белогорје Белгород и други. Но, тоа не значи дека Македонија ќе влезе со бело знаме на вечерашниот меч. Напротив влегуваме со црвено-жолто знаме, ќе се обидеме да им го нарушиме нивниот ритам на игра, да сервираме подобро отколку на мечот со Унгарија, да добиеме сет, потоа два, а зашто не и третиот – вели селекторот на Македонија, Србинот Никола Матијашевиќ.
Победата над Унгарија на крајот од квалификацискиот циклус може да се покаже како решавачка, ако не за првото, тогаш за освојување на второто место што исто така води во завршницата на ЕП.

– Мечот со Унгарија беше многу израмнет, решаваа поен, два, но мислам дека ја заслуживме победата, тоа е голем успех, иако мора да се признае дека можеше и да загубиме. Немавме многу време за анализи на таа средба, сконцентрирани сме на мечот со Украина, но би сакал да ги истакнам капитенот Никола Ѓорѓиев, кој одигра херојски во Будимпешта, забележа дури 42 поена, Алексанар Љафтов исто така беше одличен во нападот, но и на приемот, техничарите Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Деспотовски, Владо Милев, и Васе Михаилов, кој маестрално си ја одработи малата минутажа. Најмногу ме радуваат позитивниот дух и атмосферата што владеат во македонската репрезентација, сите се свесни дека влогот е голем, а тоа е пласманот во завршницата на ЕП, прво за Македонија. Разбрав и дека посетеноста на мечевите во Европската лига во Скопје не била најдобра, па затоа апелирам до љубителите на одбојката и воопшто на спортот во Скопје и во цела Македонија да дојдат вечерва и да навиваат за нас – истакна Матијашевиќ.
Во вториот меч во 2-то коло во групата Ф, утре (18.30 ч.), играат Швајцарија и Унгарија.