Роџер Федерер и Рафаел Надал на тениските љубители на „Централниот терен“ им приредија уште еден спектакл, кој на крајот му припадна на швајцарскиот „Маестро“, кој стигна до победа во четири сета од 7:6(3)/1:6/6:3/6:4 за да закаже уште една голема пресметка со актуелниот шампион Новак Ѓоковиќ.
Федерер никогаш не криел дека Вимблдон е неговиот омилен турнир и дека секогаш го дава максимумот на тревата во Лондон. И овојпат тој беше во контрола на мечот речиси во секој момент, освен во вториот сет.
Федерер ќе игра за својата рекордна девета титула од „Ол Ингланд“ клубот во своето 12-то финале на славниот тениски терен. Меѓутоа, против Ѓоковиќ тој влегува со негативен вкупен скор (22-25), а од него има загубено во две финалиња на Вимблдон, во 2014 и 2015 година.