Спортската сала „Јанчица“ во Кичево, наскоро ќе претрпи целосна реконструкција, по 32 години од нејзиното пуштање во работа. Овој зафат ќе се изврши со средства од локалната самоуправа, но се очекуваат и финансии од други извори.

– Наскоро ќе започне целосната реконструкција на спортската сала „Јанчица“, која првите спортисти ги прими во сега далечната 1986 година. Со овој зафат комплетно ќе бидат преуредени соблекувалните, санитарните јазли, конечно и трајно ќе се реши проблемот со одводот, бидејќи при поинтензивни врнежи од дожд и висок водостој на соседната Зајашка Река, често се случуваа поплави во внатрешноста на објектот, бидејќи немаше природен истек на водата. Ќе се санира подот, ќе се обноват столчињата, ќе се променат и сите детали во салата, и таа ќе добие неспоредливо поубав лик и поголема функционалност. Сите очекуваме повторно тука да се играат меѓународни ракометни натпревари, како и мечеви во други спортови, а планираме да бидеме домаќини и на некои од помладите селекции на Македонија – истакна Емин Насуфи, задолжен за ЛЕР во Општина Кичево.

Реновирањето на спортската сала ќе ги израдува, како сегашните ,така и поранешните спортисти од градот, кои добар дел од младоста поминале под сводовите од оваа сала, а на своите сограѓани им донеле многу радости.

– Спортската сала „Јанчица“ не е најголемата, ниту најубавата, но за нас спортистите од Кичево, сигурно е најважната во земјава. Нејзиното отворање пред 32 години ни ги промени навиките, и повеќе немаше потреба да гледаме кон небото кога игравме натпревари. Многу емоции не врзуваат за овој објект, а нејзиното реновирање е исправен и навремен потег на локалната самоуправа, бидејќи ќе добиеме еден репрезентативен објект со кој ќе можеме и во иднина да се гордееме – вели поранешниот ракометар од Кичево, Трајан Личоски.

Во оваа сала женската ракометна селекција на независна Македонија, го одигра првиот официјален натпревар во 1993 година, со селекцијата на Литванија.

З.А.