Здрава храна
Сезоната за пикник официјално се отвори, па пред да заминете во природа погледнете каква храна можете да понесете. Кога помислуваме на пикник, прво што ни доаѓа на ум се токму сендвичите, но има и други видови оброци што се едноставни за приготвување. Приредете специјално изненадување за вашите пријатели или семејство и заминете на пикник со вкусна и здрава храна.
На пример, направете вкусен сендвич со варени јајца и зеленчук. Овој вид оброк се состои од доста протеини што ќе ве држат сити во текот на целиот пикник. Добрата страна е тоа што може да стои со часови свеж надвор од фрижидерот. Наместо нездравиот чипс, направете си сами поздрава варијанта. Исечкајте компир на тенки крукчиња, додадете рузмарин и сол и печете го во рерна. Вашиот домашен чипс ќе биде огромен хит на пикникот. Можете да си понесете тестенини со грав, па додајте пармезан, рузмарин, црн пипер, неколку лажички свежо исцеден лимон и еден исечкан кромид. Или исечкајте компир на крупни триаголници и ставете го во рерна. Откога ќе го испечете, додадете зачин и сол по желба, а потоа потурете со павлака. Колку подолго стои павлаката, толку подобар вкус ќе добиете, одлично предјадење за пикник. Кога зборуваме за пикник, не можеме да не го споменеме и слаткото. Направете слатка пита, која може да биде од јагоди, цреши, јаболка. Исечкајте ја во триаголници и спакувајте ја. Спакувана на овој начин, за питата нема да ви биде потребен прибор за јадење, што е уште еден голем плус при одење на пикник во природа.