Техно

Иако беше официјално претставен во Кина уште во ноември минатата година, доаѓањето на паметниот телефон „виво Х100 про“ на другите пазари е доста бавно. Сепак, сега стигнува до Европа.
По презентацијата во ноември во Кина, продажбата на „Х100 про“ започна во истиот месец. Потоа следуваше глобално деби во средината на ноември, а потоа и почеток на продажбата во Индија на почетокот на месецов. Сега овој уред конечно доаѓа на Стариот Континент.
Навистина, уредот сѐ уште не е достапен на интернет, но „ГСМ Арена“ пишува дека цената ќе биде 1.199 евра, што може да биде и повисока од очекуваното, со оглед на фактот дека во Индија чини околу 998 евра. Повисоката цена се должи на даноците и логистичките трошоци.
„Виво Х100 про“ доаѓа само во една верзија, која има 16 гигабајти РАМ и 512 гигабајти внатрешна меморија, па дефинитивно е добро опремен, особено ако се земе предвид фактот дека се напојува со процесорот Дајменсити 9300.
Паметниот телефон има 6,78-инчен ЛТПО АМОЛЕД екран, со резолуција од 1.260 x 2.800 пиксели, брзина на освежување од 120 херци и максимална осветленост од 3.000 нити. Има три камери на задната страна, главна камера од 50 мегапиксели со оптичка стабилизација на сликата, ултраширока камера од 50 мегапиксели со автофокус и камера со перископ од 50 мегапиксели со зумирање 4,3x и оптичка стабилизација на сликата.
Уредот се напојува со батерија од 5.400 милиампер-часа, со поддршка за жичено полнење од 100 вати и безжично полнење од 50 вати. Користи оперативен систем андроид 14 со кориснички интерфејс фантач 14.