Техно
Деталите за кредитните картички и телефонските пораки лесно можат да бидат пресретнати од криминалците доколку направите вообичаена грешка за време на годишните одмори, предупредуваат експертите. Измамниците ги трошат банкарските сметки на туристите со пристап до деталите за кредитните картички, па дури и до нивните пораки, но постојат неколку клучни трикови што ќе ви помогнат да се заштитите од сајбер-криминалците додека сте на одмор, велат експертите.
Избегнувајте јавни ВиФи-мрежи. Јавните ВиФи-мрежи се нудат на аеродроми, во хотели, спортски сали, ресторани и во јавни паркови низ светот. Но тие претставуваат значителен безбедносен ризик, велат експертите што стојат зад антивирусниот софтвер „МекАфи“. Компанијата за заштита на интернет објави серија совети што ќе им помогнат на корисниците да избегнат измами, особено додека патуваат.
Хакерите лесно можат да ги пресретнат податоците што се пренесуваат преку јавните ВиФи-мрежи, велат тие. Ова вклучува пристап до лозинки за најавување, информации за кредитна картичка и лични пораки. Избегнувајте пристап до чувствителни сметки или извршување финансиски трансакции додека сте поврзани на јавен ВиФи. Наместо тоа, користете виртуелна приватна мрежа (ВПН) за да ја шифрирате вашата интернет-конекција и да ги заштитите вашите податоци од љубопитните очи. ВПН или виртуелни приватни мрежи се парчиња софтвер што ќе ви понудат многу поголемо ниво на приватност и безбедност на интернет. Кога ќе се активираат, тие ја менуваат „адресата“ на компјутерот, лаптопот, таблетот или на мобилниот телефон. ВПН може да ви помогне да се заштитите кога сурфате на јавен ВиФи и во странство, иако тие се забранети во некои земји. Но, не грижете се, тие се легални во многу земји низ светот, вклучувајќи ги САД, Канада и поголемиот дел од Европа. Тие се нелегални во земјите каде што владите практикуваат некаква форма на интернет-надзор или цензура.