По повод 30 години од воспоставувањето дипломатска соработка, австриската амбасада во соработка со Националната галерија ја отвора изложбата „Австриската уметност после 1945“ вечерва, во 18 часот, во „Даутпашиниот амам“.
– Австриската современа уметност по 1945 година е производ на едно сложено и динамично испреплетување на историските, политичките и културните сили. Последиците од Втората светска војна условија Австрија, како и поголемиот дел од Европа, да се бори со потребата од повторно издигнување, не само инфраструктурно или политички како резултат на воените разорувања туку и во поглед на културната и интелектуалната сфера. Од денешен аспект, токму австриските уметници на овој предизвик одговорија со иновативни, понекогаш радикални, пристапи што ја позиционираа Австрија како центар на современата уметност. Уметноста стана клучен сегмент во надминувањето на колективната траума и дефинирањето на националниот идентитет преку настојувањето да се изнајдат нови форми на уметничко изразување, кои истовремено би го одразиле разочарувањето од уништувањето на војната, но и надежта за нов почеток – се вели во најавата.
Современата уметност по 1945 година во Австрија се карактеризира со богата разновидност на стилови, движења и пристапи. Од егзистенцијалната апстракција на повоениот период до радикалните изведби на виенскиот акционизам и концептуалните истражувања на постмодернизмот, австриските уметници постојано ги поместувале границите на она што уметноста може да биде и што може да претставува. Денес, австриската современа уметност и понатаму е енергично и динамично поле, кое ги одразува не само локалните специфичности на австриската историја и култура туку и пошироките глобални струи на современата уметничка практика.
– Оттука изложбата на македонската публика ѝ открива еден важен аспект од австрискиот културен идентитет. Таа отвора можност да видиме дел од творештвото на некои од авторите, кои низ децениите учествувале во оформувањето на австриската уметничка сцена и афирмацијата на новите ликовни тенденции. Станува збор за избор од педесетина слики и неколку скулптури – современи уметнички дела од повеќе автори, кои со својот творечки и интелектуален потенцијал одиграле значајна улога во развојот на австриската ликовна уметност по 1945 година и денес се дел и од повеќе приватни колекции – велат од НГМ.
Токму едно од примарните настојувања и определби на Националната галерија, тргнувајќи од нејзиното основање во далечната 1948 година, па сѐ до денес, оди во насока на презентација на разнообразни ликовни изразувања и автори што одиграле значајна улога и оставиле силен белег во афирмацијата на развојните тенденции, како во македонската така и пошироко, во светската современа ликовна уметност.
– Токму затоа веруваме дека и овој пат амбиентот на средновековната турска бања „Даутпашин амам“ од втората половина на 15 век, со својата специфична и карактеристична архитектура, композициски и идејно ќе придонесе во надградувањето и збогатувањето на концепциската поставеност и структурата на изложбата „Австриската уметност после 1945“, која е дел од низата културни настани организирани по повод одбележувањето на јубилејот 30 години од воспоставувањето дипломатска соработка помеѓу нашите две земји – вели Маја Неделкоска-Брзанова, в.д. директорка на Националната галерија.
В.Д.