Изминатава деценија Мулен работи во театар, на телевизија и филм, појавувајќи се како актерка во низа проекти признаени од критиката. На јавноста ѝ е особено позната по улогата во прочуената ТВ-серија „Нормални луѓе“

Во галеријата „Пионери“ на 20 март, во 19 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Индиа Мулен, мултидисциплинарна уметница од Ирска. Изминатава деценија таа работи во театар, телевизија и филм, појавувајќи се како актерка во низа проекти признаени од критиката. На јавноста ѝ е особено позната по улогата во прочуената ТВ-серија „Нормални луѓе“.
„Нормални луѓе“ е позната ТВ-серија базирана на истоимениот роман на Сали Руни. Приказната ја следи комплексната врска меѓу Мериен (Дејзи Едгар-Џонс) и Конел (Пол Мескал), двајца тинејџери од Ирска што им припаѓаат на различни општествени слоеви, преку нивните искуства во соочувањето со љубовта, класните разлики и идентитетот, од средно училиште па до последните години на колеџ. Серијата ги собра сите пофалби за суптилниот пристап кон раскажувањето, интимната визуелна естетика и трогателната изведба на Едгар-Џонс и Мескал. „Нормални луѓе“ со ретка автентичност ги доловува комплексните чувства на младешката љубов, а деликатната обработка на темите на ранливост и блискост ја издвојува оваа серија како една од највпечатливите драми за созревањето во последниве години.
Во последниве години Мулен се занимава и со филмска продукција и визуелна уметност. Нејзините фотографии се објавувани во „Вондерленд“, „В магазин“, НМЕ и други списанија, а во моментов е во претпродукција за својот прв филм како сценаристка/режисерка. Неодамна Мулен се претстави со свои дела во галеријата „Хев а бачерс“ во источен Лондон, во рамките на изложбата „Трејн кваркс“, курирана од Алегра Вентури, во соработка со уметницата и дизајнерка Џоана Лордан.
На изложбата ќе биде прикажана колекција на фотографии што ги истражуваат идентитетот и нашиот однос кон себеси на возраст од 20 до 30 години, со фокус на прекумерната потрошувачка и чувството на изолираност во опкружување од боја и шум.