Откривањето на безвременскиот свет на класиците, но и на новите наслови на реномирани, а и на нови надежни автори во модерната доба во која се наоѓаме е привлечна занимација што му дава живот на забрзаното и навидум монотоно секојдневие. Годинашното 35. издание на меѓународниот Саем на книгата е поддржано од Министерството за култура, како покровител на оваа манифестација, и ќе се одржи од 4 до 10 мај во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, во организација на Скопскиот саем.
– Како место и симбол на спојување на читателите со нови и етаблирани автори, кои добиваат ексклузивна шанса за промоција на своите дела, а и каде што читателите можат да откријат теми и содржини за сите возрасти, Саемот на книгата и оваа година не изостанува со својата важност. Секако, целта е секоја година да се создаваат сѐ подобри можности и форми за промоција на читањето книги и за поновите и постарите генерации, преку саемските понуди на многубројните издавачки куќи. Главната причина зошто овој саем е можеби најомилениот на национално ниво е токму љубовта кон пишаниот збор и константниот пристап кон подобрување на условите секоја година при овозможувањето на оваа специјална саемска платформа, која го негува овој вид културно наследство во државата и пошироко. Овој седумдневен настан е можност да се прикаже соодветно богатата литературна традиција, но и да се прослават различноста и креативноста на авторската мисла – изјави Бојан Саздов, претседател на МАИ.