Кинотеката на Македонија ќе стане нов дом на комплетниот филмски опус на култниот американски независен режисер Марк Рапапорт. Овој значаен чекор е резултат на соработката со неговиот ексклузивен дистрибутер „Ми филм“, кој ги депонира сите негови филмови во архивата на Кинотеката.
– Оваа вест претставува огромна чест за македонската филмска институција и значаен придонес кон збогатувањето на архивскиот фонд со автор што се смета за еден од најзначајните гласови на американската независна сцена. Марк Рапапорт е познат по своите иновативни и експериментални филмови, кои ги истражуваат границите помеѓу фикцијата и документарецот. Неговите рани дела, како што се „Кешуал рилејшнс“ (1974), „Моцарт ин лав“ и „Локал колор“ (1977), се карактеризираат со уникатен наративен стил и длабока анализа на човечките односи. Филмот „Д скеник рут“ (1978), инспириран од стилот на Макс Офилс, е естетски богато дело, кое ја истражува комплексноста на љубовните триаголници. Со „Импосторс“ (1979), Рапапорт продолжува да ги истражува темите на идентитетот и измамата, а во „Чејн летерс“ (1985) се фокусира на интеракциите и комуникацијата меѓу луѓето во урбаното опкружување – велат од Кинотеката.
Во 1990-тите, Рапапорт се насочува кон нова филмска форма – видеоесејот, создавајќи револуционерни дела како „Рок Хадсонс хоум мувис“ (1992) и „Фром д рнал оф ин Себерг“ (1995). Овие филмови комбинираат архивски материјали, фиктивна реконструкција и интелигентна нарација, поставувајќи нови стандарди во филмската критика и есеистика. Неговото дело е предмет на анализи и пофалби од реномирани филмски критичари како што се Џонатан Розенбаум, Роџер Еберт, Џ. Хоберман, Дејв Кер и Стјуарт Клаванс. Покрај неговите филмски остварувања, Рапапорт е и активен филмски писател. Од 1994 година објавува фикции и есеи на француски јазик во познатото списание „Трафик“, а во 2008 година беше објавена неговата книга „Филмофилот што знаеше премногу“.
Минатата недела, издавачката куќа „Ми филм“ ја објави неговата нова книга „Книга на соништа“, која претставува збирка на колажи. Книгата веќе е достапна во продажба во Кинотеката, во кафе-книжарницата „Буква“, како и во други книжарници во Скопје, а наскоро и на „Амазон“.
– Како дел од оваа значајна соработка, до крајот на оваа година ќе биде организирана селектирана ретроспектива на делата на Рапапорт во Кинотеката, овозможувајќи ѝ на македонската публика да се запознае со неговото иновативно и храбро филмско размислување, кое продолжува да инспирира нови генерации автори. Со вакви иницијативи, Кинотеката не само што го зацврстува своето место на мапата на значајни европски филмски архиви туку и станува точка на културна размена со автори што ја промениле историјата на филмот – велат оттаму.