Интернационалната изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“, организирана oд Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) и МСУ-Скопје, а курирана од Сузан Вајс, Инка Гресел и Јованка Попова, е поставена во Музејот на современата уметност.
Текстилот е во основата на патувачката изложба организирана од ИФА, со фокус на прашањата: Кои значења и пораки се својствени за ткаенините? Каква е нивната културна важност? На кој начин можат да се „прочитаат“? Што пренесуваат ткаенините за нивното потекло, значења и општествени улоги? Кои традиционални текстилни техники уметниците ги апроприираaт, издвојуваат, релоцираат и враќаат во живот? Текстилот претставува локус во кој уметноста доаѓа во допирна точка со рачните изработки, традицијата се среќава со сегашноста, а локалното познавање се испреплетува со глобалните односи.
Изложбата ги истакнува многубројните комплексни начини на работа со текстил на уметниците учесници. Личните и естетските наративи се поврзани со општествените и економските конфигурации во глобалниот свет. Во 1965 година, баухаус-уметницата Ани Алберс го опиша „настанот од една нишка“ како мултилинеарен, без почеток или крај: главно, неговото значење е постојан простор за преосмислување на односите и преструктурирање на врските и контекстите.

Уметницата Џудит Раум го создаде „Просторот Баухаус“, инсталација посветена на баухаус-работилницата за ткаење. Се среќаваме со преткаени материјали и историски платна во специјално дизајниран дисплеј, преку кој се раскажува извонредно успешната приказна во шест поглавја.
Сведоштва за комплексните записи на текстилот врежани во културната и индустриската историја се среќаваат на секој агол од светот. Во политичка клима обележана со студенило и суровост, ткаенините имаат моќ да евоцираат спомени од некогашни потопли, похумани времиња, да потсетат на вредноста на рачната работа, да повикаат на емпатија и солидарност. Оттука, во соработка со современи домашни уметници, основната поставка од изложбата е дополнета со уметнички дела што создаваат нови наративи значајни за текстилот во локалниот контекст и нивниот ангажиран одговор на различни состојби на опресија, системска но и интерперсонална.

Делата од колекцијата на МСУ Скопје, пак, во овој контекст се изложени не само како сведоштва за живите искуства и сеќавања произлезени од земјотресот туку и како силен потсетник денес за потребата од прекинатите нишки на глобални мрежи на поддршка и емпатија, кои трагичниот настан на лична и колективна загуба го трансформираат во модел на транснационална солидарност.
Уметници се: Ула вон Брандеребург, Кристина Божурска, Јане Чаловски и Христина Иваноска, Ноа Ешкол, Андреас Екнер, Ули Фишер, Зиле Хома Хамид, Хајде Хинрикс, Олаф Холзафел, Криста Џетнер, Елиза ван Јоолен и Винсент Вулзма, Јован Јосифовски, Ева Мајр и Еран Шаерф, Карен Мишелсен Кастанон, Џудит Раум, Франц Ерхард Валтер, Зорица Зафировска и Клелија Живковиќ.