Импресивниот, неодамна отворен Музеј на иднината во Дубаи им овозможува на посетителите да видат како ќе изгледа животот во иднината и какви неверојатни технолошки иновации нѐ очекуваат за педесет години. Музејот на иднината во Дубаи беше симболично отворен на 2 февруари 2022 година (овој датум е палиндром, кој има многу позитивни значења). Иницијативата „Дубаи фјучр“ основа музеј за да ги промовира технолошкиот развој и иновациите, особено во областа на роботиката и вештачката интелигенција. Прекрасната зграда, дизајнирана како асиметричен рог обложен со челик и стакло, неодамна беше вклучена во листата на најубави музеи во светот на списанието „Нешнл џиографик“, а се наоѓа на 14-то место.
Архитектот Шон Кили и компанијата „Килла дизајн“ сакаа да реализираат зграда што во својот облик ја претставува визијата за иднината на Дубаи. Самата зграда претставува своевидно архитектонско чудо и е изградена со помош на најсовремени технологии. Има девет ката и 320.000 квадратни метри, а изградена е без столбови за да ја потпира структурата. Целата структура се потпира на мрежа од 2.400 челични цевки, кои дијагонално се сечат во надворешната рамка и на кои се прицврстени бетонски подни плочи.
На фасадата на музејот има арапска калиграфија – линии на инспиративна поезија од неговата светост шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, потпретседател и премиер на ОАЕ и владетел на Дубаи. Буквите претставуваат и визуелна декорација и прозорци и носат посебна симболика. Еден од стиховите зборува за иднината, за тоа дека таа им припаѓа на оние што можат да ја замислат, осмислат и изведат и дека тоа не е нешто што се чека, туку се создава. Околината на музејот исто така е внимателно дизајнирана, опкружен е со градина со 100 растителни видови, кои ги рефлектираат наследството и биодиверзитетот на Обединетите Арапски Емирати. Има палми, багреми, различни цвеќиња…

На официјалната интернет-страница се наведува дека Музејот на иднината ги поканува посетителите од сите возрасти да ја видат, допрат и обликуваат нашата заедничка иднина. Набљудувањето на експонатите на уникатниот музеј на посетителите им носи визија за (замислен) живот во 2071 година. Има и вселенска станица (наречена „ОСС Хоуп“) и дигитално создадена амазонска прашума. Музејот комбинира елементи на традиционални изложби со елементи на театар и тематски атракции… Тоа покажува како решенијата од следната генерација (од вештачка интелигенција до проширената реалност и неверојатни идеи) можат да ни го подобрат животот.
Секој кат од музејот е дизајниран како експанзивен, интерактивен филмски сет, оживеан од стручни раскажувачи, технолози и уметници визионери. Темите во фокус се – иднината на патувањето во вселената, иднината на секојдневниот живот, климатските промени и екологијата, здравјето на луѓето, благосостојбата и духовноста.
Во Музејот на иднината често се презентираат иновации, се одржуваат специјални работилници, се одржуваат интересни научни дискусии. Децата можат да уживаат во дел од поставката „Фјучр хироус“, специјално дизајниран простор што поттикнува имагинација и креативност и го отклучува скриениот потенцијал. Овој дел од инсталацијата е наменет за деца на возраст од три до десет години.
Музејот во Дубаи е исто така седиште на градската иницијатива „Големите арапски умови“, која претставува 1.000 извонредни арапски таленти во клучните области.