Излезе од печат „Анонимен османлиски речник од 19 век“

Во издание на „Диван“ излезе од печат книгата „Анонимен османлиски речник од 19 век“ од академикот Драги Ѓоргиев. Книгата е резултат на обемна истражувачка работа на академик Ѓоргиев и е прва книга кај нас од овој тип, поточно претставува обработка на речник на турски зборови и зборови на еден од словенските јазици пишуван целосно со арапско писмо. Речникот што е предмет на обработка е издаден во Скопје, а примероци од него се чуваат во Софија и во Загреб. Двата речника се идентични по големина (вкупно 32 листа), со околу 1.100 турски, арапски и персиски зборови преведени на словенски јазик. Со ова се потврдува и постоењето на алхамиадо-литературата и на територијата на Македонија.
Според авторот Ѓоргиев, ова издание покажува дека писателите и поетите од нетурските балкански народи што го прифатиле исламот пишувале дела на свој мајчин јазик, користејќи арапски букви. Така, литературата што во светот била позната како литература алхамиадо, која за првпат се појавила на Пиринејскиот Полуостров, била проширена и на Балканот.
– Географската експанзија на османлиската држава овозможила политичка интеграција на различни држави, јазици, религии и цивилизации. Сепак, во нејзините граници продолжиле да живеат многу јазици и култури едни до други. Овој речник ги прикажува односите меѓу јазиците и културите во Османлиската Империја во кои исламската култура стапила во контакт со другите јазични традиции и ги докажала богатството и интензитетот на јазичната реалност на империјата како целина – вели авторот на речникот.
Уредник и рецензент е Зеќир Рамчиловиќ.
– Издавањето на речникот во Скопје покажува дека Скопје во почетокот на 19 век бил значаен центар за овој дел од Османлиската Империја. Исто така врз анализа на зборовите што се пишувани на јекавица и ијекавица и со гласот „х“, најверојатно е дека станува збор за босански јазик, а во речникот се запишани и неколку презимиња типични за бошњачкото население во Босна, што укажува и дека авторот е по потекло од Босна. Со ова и се потврдува културната и верската толеранција што се развила во Османлиската Империја и овозможувала да се развиваат различни идентитети, па дури и меѓу припадници на иста религија – вели рецензентот.
Драги Ѓоргиев е член на МАНУ и е редовен професор во Институтот за национална историја и копретседател на Комисијата за историски прашања. Фокусот на неговата дејност е историјата на Македонија во османлискиот период. Автор е на повеќе монографии, научни трудови и статии.