Наредните денови македонскиот писател Жарко Кујунџиски ќе престојува во Италија, каде што ќе учествува на две јавни презентации на италијанското издание на романот „Америка“. Првиот настан ќе се случи на 6 јули во градот Мола ди Бари. Освен авторот, за книгата ќе говори и преведувачката на италијански јазик, Маријанџела Бјанкофиоре. Разговорот со нив ќе го води Џулија Барбаненте, а извадоци од книгата ќе чита актерката Ангела Јуриљи.
Следниот ден, 7 јули, во Полињано а Маре, Кујунџиски ќе учествува на 22-то издание на еден од најзначајните книжевни фестивали во регионот Пуља, „Ил либре посибиле“. Разговорот со Кујунџиски е предвиден на главниот градски плоштад од 23 часот, а модератор на настанот ќе биде Маријанџела Бјанкофиоре. Фестивалот „Ил либре посибиле“ се одвива осум дена на различни локации во градовите Полињано а Маре и Виесте и е од меѓународен карактер со огромен медиумски интерес. Го посетуваат голем број читатели, а меѓу странските гости годинава е и познатиот шпански писател Фернандо Арабуру, автор на романот „Татковина“. Фестивалот се одржува од 2002 година по иницијатива на културното здружение „Артес“, со цел културата и книгите да се „изнесат“ на плоштадите, а со тоа да се направат достапни за сите.
Романот „Америка“ од Жарко Кујунџиски го доживеа својот превод на италијански јазик и книгата од печат излезе паралелно во Македонија во издание на „Антолог“ и во Италија за светскиот пазар во издание на издавачката куќа „Беса Мучи“. Преводот на италијански јазик е објавен со поддршка на програмата „Циркулација на европските книжевни дела“ во состав на „Креативна Европа“ на Европската Унија – потпрограма „Култура“.