Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја заврши 2023 година со нова меѓународна награда – седма по ред за филмот, а вкупно десетта заедно со трите што ги доби Манчевски во текот на изминатата година. „Кајмак“ беше прогласен за најдобар филм на фестивалот „И-фест“ во Палермо, Сицилија. Филмот ја доби меѓународната награда на Град Палермо, а куриозитет е дека таа е изработена од прославениот сицилијански керамичар Нино Парука, кој годинава одбележува половина век творештво.
Фестивалот му оддаде и почит на Манчевски, со почесна проекција на неговиот легендарен филм „Пред дождот“, добитник на „златен лав“ во Венеција и на номинација за „оскар“, како и со мастерклас што режисерот го одржа во Палермо.
„Кајмак“ ја почнува наскоро новата 2024 година во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина.
„Кајмак“ е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Свети Китс и Невис до Данска, Хрватска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.