Свеж прилог кон феминистичката теориjа на жанрот

 Во книгата е дадена нова перспектива во книжевно-теориското истражување на женското писмо и романот како книжевен жанр. Целта на книгата е да се разгледа пристапот на жените до романот

Неодамна, во издание на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС), од печат излезе книгата на Марина Мијаковска „Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот“. Во книгата е дадена нова перспектива во книжевно-теориското истражување на женското писмо и романот како книжевен жанр. Целта на книгата е да се разгледа пристапот на жените до романот. Тука првпат се издвоени модели на женско писмо во роман како посебни феминистички модели на текст.
– Темата се однесува на женското творештво. До 18 век женското творештво е покриено со плаштот на вековната тишина. Во 19 и 20 век можеме да говориме за појавата на првите романи на писателките. Во романот како жанр со слободни контури, писателките можат најлесно и најдобро да се изразат себеси и да ја прикажат стварноста. Зошто постои женското писмо? Женското писмо постои затоа што постои женската субјективност. Женскиот субјект пишува преку телото – смета Мијаковска.
Книгата се состои од теориски дел, интерпретативен дел и заклучок.

Главен предмет на интерес во трите теориски глави се: стереотипните слики за женската телесна морфологија, авторките на романи во Европа што пишувале под машки псевдоними, теориските аспекти на женското писмо во француската школа, телесниот јазик како женски јазик и наративниот глас, одликите на женското писмо и феминистичките модели на текст. Се диференцираат следниве три модели на женско писмо во роман како феминистички модели на текст: ткаење на текстот (женска пајажина), герила-женско писмо и субверзивно јазично женско писмо. Во четвртиот и петтиот, апликативен дел, авторката се задржува на избран корпус од англиската, француската и македонската литература.

Моделот ткаење на текстот (женска пајажина) е прикажан преку интерпретацијата на романите „Кон светилникот“ од Вирџинија Вулф и „Куклите на Росица“ од Оливера Николова. Моделот герила-женско писмо е прикажан преку интерпретацијата на романите „Орландо“ од Вирџинија Вулф и „Скриена камера“ од Лидија Димковска. Моделот субверзивно јазично женско писмо е презентиран преку интерпретативната анализа на романите „Љубовникот“ од Маргерит Дирас и „Помеѓу“ од Ирена Јорданова. Клучната цел на оваа книга е да се докаже дека откриените три модели на женско писмо во роман се универзално применливи врз романи од светската и националната книжевност.

Марина Мијаковска пишува поезија, проза, есеистика, литературна критика и научни трудови. Дипломирала и докторирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет. Учествувала на многу меѓународни книжевни манифестации во земјава и во странство. Се стекнала со неколку книжевни награди во земјава и во странство.