Издавачката куќа „Антолог“ го најавува второто издание на Е-Саемот на книгата, кој и оваа година како и претходната ќе биде онлајн на www.antolog.mk, но и во нашите книжарници. Саемот ќе трае до 20 мај. На сите читатели им најавува ексклузивна можност да ги добијат 150-те најпродавани наслови со попуст од 10 до 50 отсто, како и бесплатна достава за сите нарачки од сајтот над 999 денари.
Паралелно со саемот, „Антолог“ најавува дека од печат излегуваат и неколку нови изданија: мотивациската книга „Егото е непријател“ од Рајан Холидеј, нова книга од омилениот турски писател на голем број читатели, незаменливиот Ахмет Умит, со наслов „Крикот на ластовицата“, биографското издание на истакнатиот лингвист и македонист, професорот Људмил Спасов, „Ј А С Години плодни“, во кое авторот зборува за својата научна работа во рамките на лингвистичката теорија и македонистиката и врвниот трилер „Чук, чук“ од Андерс Рослунд, еден од најбараните скандинавски крими-автори.
Најавени се и многу други настани и активности што ќе го збогатат овој мајски саем, меѓу кои и редовните посети на „Книжарницата на тркала“ на различни локации низ државата, во која ќе важат тековните саемски цени. Од засега најавените посети, книжарницата ќе ги израдува читателите во: Прилеп (13 мај), Ресен (14 мај), Битола (15 мај), Велес (20 мај).

За време на саемот, ќе бидат организирани и различни настани со неколку македонски автори, како добитникот на наградата „Роман на годината 2020“ – Владимир Јанковски, трилер-авторот Анде Јанков, уредникот и писател Жарко Кујунџиски и дебитантката Станка Бајлозова-Барламова, од кои дел ќе се одржат онлајн, а дел во рамките на патувањето на „Книжарницата на тркала“. Повторно ќе биде отворена и „Кутијата на приказни“, со која им се дава простор на неафирмираните автори за објавување на нивните творби на различни теми.
– Искуството од минатогодишниот е-саем покажа дека читањето е одличен начин полесно да се поднесат овие тешки времиња и затоа идејата на овој саем е да ги направиме книгите што подостапни за сите – по намалени цени, и тоа онака како што преферираат самите читатели: од удобноста и сигурноста на своите домови преку интернет-нарачки, директно од нашите книжарници, или од нашата „Книжарница на тркала“ кога таа ќе го посети нивното место на живеење – велат од „Антолог“.