Македонската публицистичка литература е збогатена со уште едно интересно дело, со нова книга што носи наслов „Од моја агол“ од авторот Томислав Стефоски, издание на „Сигмапрес“ од Скопје. Стефоски е поранешен долгогодишен секретар на Извршниот совет на Република Македонија и носител на низа значајни функции пред осамостојувањето на Републиката, биографски податок што сам по себе нуди изнесување на интересни сознанија. Како и во поранешните три објавени порано, авторот и во оваа книга прави портрети на видни личности од македонскиот општествен живот, кои ги познавал или со кои другарувал. Читателот ќе може да прочита за академиците Матеја Матевски, Георги Старделов, Анте Поповски и Владо Камбовски, за професорите и доктори на науки Маја Бојаџиевска, Неда Милевска Костова, Илија Џонов и Кочо Анѓушев, како и за докторката од Охрид Виолета Павловска, за Мирјана Душаниќ и за композиторот Григор Копров.
Портретите на наведените лица, освен со нужните биографски податоци, се опишани од авторот на интересен, специфичен начин, гледани и оценувани од негов агол.

Текстовите не се сувопарно пренесување на нивниот живот или дело, туку низ нив се испреплетуваат интересни сеќавања, искази, средби, полемики. Отворено и искрено се искажуваат доблестите и забележаните мани, некаде директно, некаде индиректно кажани, на места со смисла за убав, ненавредлив хумор. Тие содржини го сочинуваат првиот дел од книгата. Портретите иако се однесуваат за личности со сосема различни професии и дејности се карактеризираат со заедничко, во основа добронамерно отсликување, опишани со убав стил, разбирлив и разигран јазик.
Вториот дел претставува богата епистоларна кореспонденција што ја имал авторот во последните години со личности и институции од политиката, науката, литературата, стопанството, новинарството и од други дејности. Тука пред сѐ вреди да се споменат писмата испраќани до Зоран Заев како претседател на Владата на Република Македонија, до неговиот заменик Кочо Анѓушев, до поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски, како и до други личности на кои сакал да им обрне внимание за нивната работа или однос, да ги пофали или искритикува. Особено е интересно писмото што го има испратено до МАНУ, до неговиот тогашен претседател Таки Фити, по повод објавената книга „50 години МАНУ“.

Стефоски укажува на низа пропусти, особено на несоодветниот третман во неа на НОБ, за АСНОМ и за годините кога се поставуваа темелите на македонската државност по Втората светска војна. Реагира и на несоодветната застапеност на личностите од тој период.
Секако не смее да не се истакне и приказот за хуманитарната организација „Хабитат“, каде што е долгогодишен член на Управниот одбор, како и неговите сеќавања за неколкумина лични пријатели со кои долги години контактирал или соработувал низ политичките институции и органи на Република Македонија, како и за пријатели од неговиот роден Охрид.
Томислав Стефоски (1936) и во оваа книга одушевува со богатството на неговите сеќавања, изнесувајќи и најситни запаметени детали збогатени со колоритен јазик создавајќи на тој начин публицистика што се доближува до литературата. Како пензионер, кај него не згаснале интересот, желбата и љубопитноста за настаните во државата, за општествените движења, демократијата, реформите и противречните транзициски процеси во нашето општество. Неговото кредо е дека човекот духовно не старее додека го држат љубопитноста, поттикот кон активен живот, заинтересираноста за сѐ она што се случува околу него. Поаѓајќи од тоа мото, Стефоски запишува сѐ што видел, знаел, согледал од одредена дистанца, искажувајќи се објективно и искрено, модел низ кој ги обликувал портретите на личностите, како и дописките до адресантите. П.К.