Едно од најпрестижните српски книгоиздателства, новосадски „Прометеј“, деновиве ја објави книгата „Светилка за Ханука“ на македонскиот писател Томислав Османли. Главен уредник е Зоран Колунџија. Книгата од македонски ја преведе писателот и преведувач Зоран Ж. Пауновиќ. По прозната книга насловена „Збир-ка-прича“, ова е втора книга на македонскиот автор што ја објавува „Прометеј“.
„Светилка за Ханука“ содржи девет повести – колку што свеќи или кандила има обредната ламба или свеќникот за Ханука, еврејскиот празник на светлината, исполнети со сугестивни ликови и голем број теми од животот, но и на страдањето на Евреите како од Македонија така и од различни места во поширокиот регион.
Најновото книжевно издание на новосадското книгоиздателство „Прометеј“ од македонски го преведе Зоран Ж. Пауновиќ. Од истиот преведувач досега во Србија се објавени повеќе книжевни творби на Османли, пред сѐ романите „Дваесет и првиот“, „Зад аголот“, збирката раскази „Каприча“, како и поголем број поединечни прози на македонскиот писател, кои во текот на повеќе години во различни медиуми се објавувани во Србија. На корицата на најновото новосадско издание на „Светилка за Ханука“ се наоѓа предвоената фотографија на белградското сајмиште, на кое, наместо првичната, нацистите му дадоа трагична пренамена во озлогласен регионален логор на смртта.