Проза

И одново не беше задоволен Бог! И ја крена семоќната рака Своја, па се возвиши Он над седумте сводови небесни и ги допре мрачните висови на семирот, па отаде овој свет блесна со светлина пресилна, а миговна, што многумина долу на Земјата ги заслепи, а да не бидат свесни за тоа, ни за блесокот Негов ниту пак за мракот што им се случуваше… и тогаш рече, Он: „Не да запре, но сѐ да се движи полека!“.
И така, наеднаш сѐ се забави и сѐ стана инакво и чудно. И виде Бог дека, и покрај сѐ, тоа беше добро. И ги раздели Он луѓето што дотогаш самиот повела да се дружат и да се здружуваат, иако одново залудно беше. Прво ги раздружи од Себе, оние првосотворени двајца, што Сам ги беше создал од прав и на кои им вдахна од својот живороден здив, оти згрешија со неверност против речта на својот Творец. Потоа братот од брата, оти овој го уби онега, брат брата усмрти, наместо да го сака и дружи со братска љубов, па фрли потоп од кој ги спаси само праведниот и неговото семејство и сите недолжни живи видови, па уништи со небесен оган и кула од гордост подигната Нему под облаци, и два грешни града во кои луѓето се здружуваа срамно, не од љубов туку од гол повтеж и желба да се изживуваат над другиот, не да го љубат како што Он посака и повела за родот на кој му здивна од Својата благодатност да го населува светот со човекољубие и љубов Негова…

И долго време гледаше Бог како светот се цути и се плоди низ труд макотрпен и како се намножи доста, потоа и како расне рамнотежно, пребрзо и премногу на едната страна, а полека и скудно на другата… и гледаше како не само луѓето, но дури и страните што тие ги населуваа, почнаа да страдаат едната од другата, јужната од северната, пониската од погорната, оти моќните ги покоруваа немоќните и ги тераа да работат и делаат за нив и поради нив, не веќе поради Него. Делејќи се од мноштвото, двајца се здружуваа против третиот, а тримина против сите, почнувајќи да се натпреваруваат и самите меѓу себеси, растејќи во моќта со поголема брзина, и како што брзината на нивната моќ растеше светот дотолку се забрзуваше, сѐ околу нив нараснуваше, бабреше од сила и од желба за покажување на силата, предизвикуваше, се закануваше и отвораше војни во кои блуеше оган со дива страст, убиваше други, а браќа според речта Негова што пригодно ја кажуваа, а никако не ја почитуваа, правејќи го светот несигурен за другите, добар само за себе, но не и за секого и за сите, како што уште на почетокот од човечкото време сакаше и како што им кажа Он. И залудно беше тоа.
И беше натажен Бог. И беше разочаран Он; зашто толку пати одново почнуваше да го пресоздава светот и секојпат сотворението негово од почетокот на сите нешта највозљубено, забрзано од алчната желба на моќните и на најмоќните меѓу нив, што бескрајно нараснуваше и до крајност се забрзуваше, за да ѝ удоволи на страста за многу и за уште повеќе. И помислуваше Он да го разори уште еднаш светот и сето свое дело, но мигум ги увиде оние другите, слабите, та одново го облеа милозливоста што беше негова најсилна сушност: кон немоќните, кон несреќните, кон страдалните, кон жртвите, кон преживеаните и кон изгонетите од градовите спепелени и од земјите спржени не од Него, а од нив самите; на недобројни несреќници што останаа без татковини, та талкаа барајќи спас за голиот живот и за страдното потомство што сега, и сѐ повеќе се раѓаше во расејувањето, со години останато без сјај во очите, без игра и без смеа, та токму како неговиот Избран народ, Четириесет, сега можеби и Четиристотини идни години во потрага по некоја ветена, а недосудена земја…

И тогаш Бог реши да го забави светот, да му ја успокои обземеноста од брзината што му ја ранеше алчноста кај моќните, оставајќи ги без чувство за сѐ друго и за секој друг, освен за брзината и за своите безгранично, веќе, растечки сили и богатства, на кои и самата им беше храна, една моќна, не Негова и не небесна, а подземна и отровна мана.
И го забави многу светот. И ги стави луѓето на растојание меѓу себе.
„Штом толку се намразивте меѓу себе и не најдовте лек и искупување за таа страст што го ништи Мојот здив во вас“, блесна речта Божја од темните вселенските висови, „Нека биде волјата ваша, оти не би волјата Моја, та еден на друг да си претставувате опасност и да не можете да се здружувате оти еден од друг ќе заболувате многу и еден на друг ќе си бидете смртна опасност, како што веќе самите се сторивте угроза, еден на другиот! Отсечете се отсега, зашто досега бевте воспалени. Бидете отсега шути, оти досега бевте толку рогати. Вие бевте создадени за дружења, за општења, за мали и за големи добротворства, за помош и испомош, за милост и сомилост, за сеудобни дури благословени за вселенски собори… но самите ја уништувате таа желба што од првиот ден, со Мојот здив ја вдахнав во вашиот род…“

Сакаше нешто повеќе да каже семоќниот Бог, но речта не ја изговори туку остави да јачи и да ечи во Неговото вселенско Битие. А тоа беше реч кратка, јадровита, а моќна; да ја изречеше ќе имаше сила на ново Евангелие што ќе го засенеше светот од висовите наднебесни, како затемнување на Сонцето, на Месечината и на соѕвездијата и како под облак тежок, темен, непробоен и столетен ќе засенеше многумина онаму, на Земјата, сеедно слепи за Светлината, освен малкумина што беа и би останувале озарени и при тешките затемнувања…
А, Речта на Евангелието беше:
„И на крајот, како и на почетокот, беше Речта и речта беше само во Мене, и таа гласеше вака: штом така избравте, болни од копнеж еден по друг, бидете сега разделени и триж осамени!“
Но тогаш фрли поглед удолу и виде дете на дојката од мајка, потем друго, покрај мртов татко, несреќна девојка која тукушто дознава дека ѝ загинал свршеникот, маж што мечтае по исчезнатиот храм сурово заменет со друг и по жестоко исчезнатиот Декалог Негов, момче седнато на свежи урнатини од стар град, луѓе со деца начичкани во претесни и стежнати чамци среде негостољубиво море, мртво детско тело исфрлено на песочна плажа што го капеа бранови од туѓо море, мајка што очајно колнеше на јазикот што го зборуваше Неговиот Син Единороден и Едносуштен, потем многу млади, и среќни и унесреќени, и добри, и оние само надежни, но сите они – Увиде – невини за гревот што Нему Му го раскрена Гневот…

И се натажи Бог, и се смилува веднаш и одново и уште еднаш, и остана замолчен, возвисен и недопирлив во длабоката тага и замисленост, и не ја изговори таа Реч против сотворението Свое најсакано, та Она остана само гневна Мисла при Него. И не ја изрече Речта произлезена од силата на таа осудба, но остана да го види поведението на сотворението свое најсакано, та остана Она у Него, сопрена на врвот од семоќните усни Негови. Евангелие страшно, сѐ уште неизречено.