Во Грција доминираат голите антички статуи, а според некои критичари, наједноставен одговор е дека Грците верувале дека голотијата е моќна, идеална и убава. Но како и многу работи од античкиот живот, нема лесен одговор.
Грчката уметност, вклучувајќи скулптури, вазни, чаши за пиење, фрески и мозаици, е позната по тоа што прикажува голотија, особено машки голи тела. Според Шелби Браун, специјалист за образование во музејот „Гети Вила“, во грчката уметност била развиена идеализирана човечка машка слика што го вреднува витото, тонирано, вечно младо машко тело со изразени стомачни мускули и неутрално младешко лице без брчки и израз.
Иако посакуваните пропорции варираат со текот на времето, ова совршено машко голо тело обично е изложувано во избалансирани пози. Голотијата во грчката уметност се користи симболично за прикажување на хероите од митовите, боговите, воините или воените херои.
– Античките Грци промовирале социјална агенда или нормативна култура користејќи ја голотијата. Презентирајќи го идеализираниот гол маж, тие му потенцирале на остатокот од светот дека се моќни – вели Кенет Лапатин, кустос за антиквитети во музејот „Гети Вила“.
Во скулптурата, машките актови доминираат до 4 век пр. н.е., кога преку фигурите на Афродита е воведена и женската голотија во монументалната уметност. Претходно, старогрчкото општество ја ограничувало женската голотија, освен кога била прикажувана во заробеништво, во концепт на потчинетост на супериорната сила или во мали размери.
Римјаните, исто така, создале голи скулптури и прикажуваат голотија во нивната уметност, но тоа е помалку распространето во однос со грчката уметност. Римските богови и божици, а понекогаш и императори, почесто биле прикажувани голи отколку обичните луѓе. Додека античките култури на Египќаните или Асирците биле повоздржани во прикажувањето на голотијата во уметноста, бидејќи има малку докази за тоа во пронајдените артефакти.

– Ако погледнете колку грчки статуи се голи во сите музејски збирки, тоа и не е толку многу. Значи, зошто се фокусираме на оние што се голи? – прашува Јенс Даенер, соработник куратор за антиквитети во музејот „Гети Вила“.
Даенер забележува дека можеби нашиот модерен морал е тој што ги истакнува голите.
– Посетителите, особено децата на училишна возраст, честопати се затекнати од голите статуи во музејот. За време на училишните тури, децата се кикотат со своите пријатели додека минуваат покрај голата Венера или Херкулес. Навистина, има само една гола грчка статуа и неколку римски во збирката, но доминираат во искуството на посетителот – истакнува кураторот.
Иако голотијата е претставена во уметноста, тоа не значи дека Античките Грци трчале голи. Само во одредени ситуации тие не биле соблечени, додека вежбале или кога се натпреварувале во атлетика.