Без обѕир на кризата, проектот ќе има свое наследство: нов градски кварт на културата што се гради во некогашниот фабрички комплекс „Бенчиќ“, во кој уште во 2017 година е отворен Музејот на модерната и современа уметност. Во него се довршуваат и Музејот на градот Риека, Градската библиотека и „Детската куќа“, прва од таков вид во Хрватска, која на единствен начин ќе произведува култура за деца и со деца

Ирена Крегар Шегота, директорка за комуникации на „Риека 2020“

Проектот „Риека – европска престолнина на културата 2020“ запре со поголемиот број активности поради пандемијата на коронавирусот. Директорката Ирена Крегар Шегота во интервју за „Нова Македонија“ укажува дека се разгледува можноста за продолжување на програмата во дел од 2021 година, но и дека се прават подготовки за онлајн-презентација на досегашните содржини. Таа споменува и дека познатиот брод „Галеб“ треба да стане музеј, се разбира, кога ќе заврши борбата со вирусот

На почетокот од реализацијата на проектот „Риека – европска престолнина на културата 2020“ беа најавени 600 поединечни програми, соработка со 220 партнери од 40 земји, што успеавте од тоа досега да им понудите на граѓаните, на туристите, на публиката?
– Да, за жал, пандемијата на коронавирусот и мерките за превенција од ширењето на заразата резултираа со привремено откажување на сите проекти на европската престолнина на културата и нѐ принудија на промислување и осмислување на проектите во различна форма. Од програмите што се одржаа, треба да се издвои спектакуларното отворање во риечкото пристаниште и на градските улици, кое низ целодневната програма собра околу 30 илјади луѓе. Беа одржани и неколку програми во рамките на „Фестивалот на соседството“, замислен како низа од мали фестивали што ги спојуваат градовите и општините од Приморско-горанската жупанија со различни места во Европа. Успеавме да ја одржиме премиерата, како и неколку репризи од Вагнеровата опера „Тристан и Изолда“, која првпат е поставена во риечкиот театар, одржан е и фестивалот „Нидкомпани“, на специфичната театарска трупа од Белгија, како и низа помали настани. Но најголемиот дел од програмата, за жал, не дојде на ред бидејќи на располагање имавме само месец и половина, од 1 февруари до половината на март кога сѐ беше затворено и откажано за понатаму.

Какви мерки моравте да преземете и дали и покрај неизвесноста од траењето на пандемијата имате одредена стратегија што би можело да се реализира дополнително од планираната програма?
– Пандемијата практично ги запре сите активности, освен нужните и неминовно остава тешки последици на стопанството, како и на државните и локалните буџети. Во такви околности, буџетските средства планирани за изведба на програмата „Европска престолнина на културата“ (ЕКП) ќе бидат намалени бидејќи ќе се намалат приходите од јавните буџети. Конечните бројки уште не ги знаеме, но знаеме дека ќе се намалуваат средствата првобитно планирани за ЕПК-проектот и од Министерството за култура и од Град Риека. Во такви околности, изработивме предлог-план за управување со проектот ЕПК во услови на криза.

Според тој план, во првата фаза, фирмата „Риека 2020“, основана за подготовка и спроведување на програмата, ќе продолжи да ги врши нужните работи со минимален број вработени, меѓу другото и за втората фаза, односно за да можат да се одржат оние програми кога ќе завршат мерките на изолација. Критериумите според кои се приспособува програмата се технички и тематски, согледана е изводливоста на одделните програми и досега вложените средства во подготовка, како и фазата на подготвеност на одделни програми за реализација. На програмите им беше пристапено и низ перспектива на наследствата што ги донесуваат. Понатаму, ја разгледуваме и важноста на одделните програми за одржување на домашната културна сцена и нејзините актери, кои се најсилно погодени од кризата. На крајот, ги зедовме предвид работата на локалните културни институции и пораките на ЕПК-проектот, како и потенцијалот на програмата за создавање оптимистичка атмосфера по укинувањето на епидемиолошките мерки.

Што ви говори вашето досегашно стручно искуство од областа на културните политики и меѓународната културна соработка, кои се најзначајните фактори што би можеле да му помогнат на проектот во вакви кризни времиња, а пред сѐ каков е ставот на Европската Унија?
– Ставот на Европската Унија сѐ уште не го знаеме. „Риека 2020“ е во соработка со ирскиот град Голвеј, кој годинава исто така ја носи титулата престолнина на културата и кој се најде во слични проблеми како и Риека во контактот со европските институции, така што, меѓу другите, се разгледува и можноста за продолжување на програмата во дел од 2021 година, но за тоа сѐ уште е рано да се говори. Но без разлика на тоа, Европскиот парламент и другите институции на ЕУ мораат да размислат што ќе се случува со културата и по оваа криза, односно треба да се осмисли како да се зајакне културата, која особено силно економски е погодена со неа. Исто така, ќе треба повторно да се гради чувството на европски идентитет и за тоа се важни проектите со силна европска димензија како што е ЕПК.

Градот Риека за овој проект ја освои наградата „Мелина Меркури“ во вредност од 1,5 милион евра. Кои негови сегменти можете да ги истакнете како најкарактеристични и најважни, и што би требало да им донесат тие на уметниците, на туристите, на градот Риека, на Хрватска и воопшто на светот?
– Да, така е. Станува збор за наградата именувана по грчката министерка за култура, која се смета за најзаслужна за втемелување на проектот „Европска престолнина на културата“. Оваа награда Риека ја доби по препорака на стручниот панел на Европската комисија, кој ја проценува успешноста на спроведувањето на ЕПК-проектот. Што се однесува до риечкиот проект, неговите темелни пораки се: заедништво, толеранција, соживот и прифаќање на различностите меѓу луѓето и тоа се чита во нашиот слоган „Пристаниште на различности“ со кој се обидовме да го опфатиме типичниот риечки менталитет, кој длабоко е врзан за фактот дека Риека со векови се развивала со и околу пристаништето.

Ирена Крегар Шегота/Фото: Риека 2020.еу

Имено, сигурно е дека благодарение и на пристаништето, на постојаните заминувања и доаѓања, риечаните станаа луѓе што во принцип не ги интересира од каде си, во кој бог веруваш и веруваш ли воопшто, кого го сакаш и со кого се дружиш, туку каков човек си. Исто така, тој слоган опфати и една сеевропска порака за прифаќање на различностите и за создавање заеднички идентитет. Исто така, темите на кои се базира целиот риечки ЕПК-проект се: работа, миграции и вода и сите програми на некој начин се врзуваат за една од овие теми. Но како и што реков, сега сме во фаза на приспособување на програмата на кризата што ни се случи и се изработува нов план, кој, се разбира, повторно во својата срцевина ќе ги има и овие теми. Но без обѕир на кризата предизвикана од пандемијата, без обѕир на нужното, повторно составување на програмата што е во тек и сите промени што ги носи тоа, проектот ќе има свое наследство, меѓу другите и нов градски кварт на културата, кој се гради во некогашниот фабрички комплекс, практично во средиштето на градот.

Станува збор за комплексот „Бенчиќ“ во кој уште во 2017 година е отворен Музејот на модерната и современа уметност во својата прва фаза, а во кој се гради и довршува и Музејот на градот Риека, Градската библиотека и „Детската куќа“ – прва од таков вид во Хрватска, која на единствен начин ќе произведува култура за деца и со деца. Овој проект го води Град Риека и работите во дадените околности се одвиваат редовно. Планирано е сукцесивно отворање на објектите во „Бенчиќ“ и тоа како дел на проектот „Европска престолнина на културата“.

Моментално Град Риека и изведувачите ги довршуваат работите и опремувањето на „Палатата на шеќераната“, која ќе биде нов Музеј на градот Риека, а во завршна фаза е и „Детската куќа“. Но прашање е дали самото отворање и почетокот на програмите во тие објекти поради пандемијата воопшто ќе биде можен. Јасно, тука е и бродот „Галеб“, кој исто така се преуредува во бродоградилиштето во Краљевица и ќе стане брод музеј, трајно врзан во риечкото пристаниште и сигурно една од туристичките атракции, се разбира, кога ќе заврши борбата со вирусот.

И за крај, може ли да очекуваме за време на оваа пандемија по виртуелен пат да ѝ понудите на публиката дел од снимените материјали од досегашните активности на проектот „Риека 2020“?
– Да, го планираме и тоа и наскоро на публиката ќе ѝ понудиме и онлајн-содржини. Освен со онлајн-информации и содржини, ќе тргнеме, заедно со нашите програмски партнери, со помали програми во физички простор, се разбира во согласност со епидемиолошките мерки.