За неколку дена со забрзаното ширење на заразата, повеќето од најголемите синџири од киносали најавија дека ќе бидат затворени во наредните шест до дванаесет недели, а големите студија ги одложија премиерите на новите филмови. Сѐ уште не е јасно како ќе изгледа враќањето на кината, откако ќе заврши кризата, и колку ќе биде сериозна економската штета

Кината ги издржаа светските војни, депресиите и рецесијата, па дури и телевизијата и стримингот. Но се чини дека јавната здравствена криза во светот претставува егзистенцијална закана за овој бизнис како ништо претходно. За неколку дена со забрзаното ширење на заразата, повеќето од најголемите синџири од киносали најавија дека ќе бидат затворени во наредните шест до дванаесет недели, а големите студија ги одложија премиерите на новите филмови. Сѐ уште не е јасно како ќе изгледа враќањето на кината, откако ќе заврши кризата, и колку ќе биде сериозна економската штета.

– Никогаш не се случила ваква ситуација. Стравот од непознатото не е добра работа за берзата. Ќе се вратиме во нормала во одреден момент, но додека го постигнеме тоа, ќе има одредена болка – вели Ерик Хандлер, аналитичар во „МКМ партнерс“, за интернет-страницата „Варајети“.
Зборовите „коронавирус“ и „физичка дистанца“ се доволно застрашувачки да ги избркаат инвеститорите. Тие ги растоваруваат акциите на кината, бидејќи стотици од нив се привремено затворени, студијата започнуваат да прикажуваат нови филмски изданија на интернет, а американската економија се влошува и се движи кон рецесија. Според прогнозата на Мајкл Пастер, аналитичар на „Ведбуш секјуритис“, ако кината останат затворени неколку месеци, што се смета за реална можност, тогаш индустријата ќе биде „навистина изложена на ризик“.

Во првата половина на март, компаниите што ги контролираат петте најголеми синџири од киносали во САД изгубија повеќе од половина од нивната пазарна вредност. Цената на акциите на „АМЦ ентернејнмент“ падна за 58 отсто, „Синеворлд“, кој е сопственик на „Регал синемас“ и се согласи да го купи канадскиот „Синеплекс“, падна за речиси 76 отсто. „Синемарк“ опадна за 68 отсто, „Синеплекс“ со продажбата на „Синеворлд“, се чини дека е во опасност, опадна за 72 отсто, а „Маркус корп“ изгуби 58 отсто. Други компании исто така претрпеа слични загуби. „Имакс“ се намали за 41 отсто, а продавачот на реклами за киното „Национал синемедиа“ падна за 60 отсто.
Сепак, директорите апелираат на трпеливост кога се влегува во ваква неистражена територија.

– Без сомнение, ќе дојдеме до другата страна. Но никој не знае колку ќе трае сево ова – вели Џим Ор, претседател на домашната кинематографска дистрибуција за „Јуниверзал пикчрс“.
Сопствениците на кината веруваат дека по две години од намалувањето на продажбата на благајниците, бизнисот ќе се врати во нормала, и тие ќе забележат рекордно високо ниво во 2021 година, бидејќи Холивуд продуцира големо количество продолженија од познати франшизи, вклучувајќи четири филмови од универзумот „Марвел“: „Шан-Чи и легендата на десетте прстени“, „Доктор Стрејнџ во мултиверзумот на лудилото“, „Човек-пајак 3“ и „Тор: Љубов и гром“, како и „Цветот Јура: Доминација“, „Бетмен“, „Невозможна мисија 7“, „Чувари на Галаксијата 3 “ и „Аватар 2“.

– Кога на крајот ќе бидат објавени заработките во 2021 година, веруваме дека ќе увидиме дека песимистите не биле во право – изјави шефот на АМЦ, Адам Арон пред аналитичарите во февруари, но пред тој и другите да ги затворат киносалите.
За жал, ваквите ставови досега не се покажале добро. Како резултат на затворањето на киносалите, многу филмови, како „Ф9“ и „Миниони: Подемот на Гру“, се одложуваат на неодредено време. Како резултат на тоа, овој квартал ќе забележи загуба на стотици милиони долари во продажбата на билети. Се претпоставува дека стапката на инфицирани нема го достигне врвот кога ќе започне летната филмска сезона, што значи голема загуба во еден од најпрофитабилните периоди во годината. Многу инвеститори се сомневаат дека времето е на страна на индустријата.

Некои од најголемите компании се оптоварени со долгови по долги години позајмување финансии за аквизиции и инвестиции во подобрувања, како што се удобни седишта. А како резултат на тоа, голем број работници во киносалите беа отпуштени или вработени на одредено и скратено време. Несомнено, големи синџири од киносали ќе излезат од оваа ситуација драстично ослабени. Но сега, кога кинотеките се привремено затворени, студијата се охрабруваат да тестираат колку потрошувачите се подготвени да платат за изнајмување и гледање нови филмски изданија дома.

Минатата недела „Јуниверзал пикчрс“ соопшти дека ќе ја изнајмува анимацијата „Светската турнеја на троловите“ на „Дримворкс“ за гледачите да можат да ја гледаат во домашни услови за околу 20 американски долари за еднократно проектирање на 10 април, денот кога анимацијата требаше да ја има својата премиера во кината. Студиото сака да ги понуди истите можности и за филмовите „Невидливиот човек“, „Лов“ и „Ема“.
Сопствениците на киносалите велат дека ова ќе се одрази негативно врз нивната заработка доколку потрошувачите продолжат да се одлучуваат за гледање филмови дома. Кога лани, филмот „Ирецот“ на Мартин Скорсезе почна да се емитува на „Нетфликс“, филмот успеа да се појави на само десетина независни места. Доколку студијата согледаат дека е поисплатливо нивните филмови да се стримаат на некои од овие платформи, а потрошувачите се навикнат да ги гледаат новите филмови дома, тогаш „треба да се предефинира намената на студијата“, смета Стивен Кејлн од „Велс фарго секјуритис“.

„Јунверзал“ и „Ворнер Брос“ имаат особено силни стимулации, затоа што нивните матични компании, „Комкаст“ и „АтИт“ најголем дел од своите заработувачки ги прават преку своите претплатници, кои сакаат да гледаат содржина на своите телевизори и мобилни уреди.
– На овој начин ги навикнувате гледачите да гледаат филмови дома, а тоа ќе ја промени психологијата на просечниот кинопосетител. Не велам дека никогаш нема да појдат на кино да уживаат во филм и пуканки, но тоа, секако, ги менува работите – вели Хал Вогел, аналитичар за медиуми.

Аналитичарите велат дека стриминг-платформите почнале да го „нагризуваат“ киното дури и пред да се појави коронавирусот. И иако има малку емпириски докази за поврзаност, тоа може да се промени. Тие велат дека е лоша идеја да се обложувате против индустрија што преживеа толку многу социјални и политички пресврти.
– Љубителите на филмот, одново и одново демонстрираа желба да ги искусат магијата и чудото на едно големо животно искуство што може да се случи само во голем затемнет аудиториум заедно со други љубители на киното, кои се вовлечени во акцијата на екранот – им рече на инвеститорите извршниот директор на „Синемарк“, Марк Зоради.
Според Патрик Коркоран, директор на Националната асоцијација на сопственици на киносали, публиката сака да знае дека има нешто вредно, луѓето се навраќаат на работите што ги знаат, а киното обезбедува свесност и чувство за квалитет.
Може да има зголемена побарувачка за филмови кога салите повторно ќе се отворат, но ветераните во индустријата веруваат дека рампите ќе се креваат бавно. Киносалите можеби ќе се отворат повторно само во одредени региони. Најверојатно, тие ќе воведат мерки на претпазливост за чистење и мерки за физичко растојание, кои претходно не беа спроведени.

– Ќе има тешкотии да го отвориме пазарот повторно, но додека студијата и киносалите работат заедно, само треба да имаме уреден пазар за повторно отворање. Ова започнува со одредување разумен распоред на премиери. Тие ќе бидат оние што ќе ги привлечат луѓето назад во кината и ќе обезбедат патоказ за успех – вели Крис Аронсон, претседател на домашната дистрибуција во „Парамаунт“.
И покрај загубите на работните места, паднатите акции и евентуалните банкротства, Аронсон не е подготвен да го заврши кинобизнисот.
– Мислам дека киното ќе преживее. Можеби ќе се смени и сѐ ќе биде различно, но ќе преживее – вели тој.