Изложбата на Филип Петковски, „Вита“, или живот на латински, ја обработува темата на објективизација на женското тело, односно како тоа е објективизирано преку овие архивски фотографии

Портрети на јавни личности во народни носии

Изложбата на портрети со наши актерки и јавни личности облечени во народни носии од повеќе краеви од Македонија на авторот Филип Петковски е отворена во рамките на фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“ во Музејот на Битола. „Вита“, всушност, е мултимедијална изложба на Филип Петковски, која го критикува објективизирањето на женското тело и ги истражува женственоста и комплексноста на женската емоција. Проектот вклучува краток филм „Витро“, во режија на Филип Петковски, авторски фотографии на Жарко Чулиќ, како и фотографии направени од непознати фотографи од првата половина на 20 век.
– За „Вита“, односно за темите што ги истражува овој проект размислувам одамна, односно од почетокот на моите докторски студии, кога почнав да ги разгледувам темите како традиција и културно наследство од критичка перспектива. Уште од средношколските денови, колекционер сум на народни носии и фотографии на кои се претставени овие носии. Во тоа време бев фасциниран од интригантноста на костимот, но со текот на времето почна да ме интересираат и жените што се претставени на овие фотографии. За нив и за нивните животи, за жал, не знаеме ништо, бидејќи никој не се сетил да ги праша кои се и какви животи живеат. Оттука, „Вита“, или живот на латински, ја обработува темата на објективизација на женското тело, односно како тоа е објективизирано преку овие архивски фотографии. „Вита“ има цел да го стави женското тело како субјект наместо објект, а преку авторските фотографии и филмот што го режирав, публиката има шанса да погледне во нивните животи – вели Петковски.

Изложбата е создавана без финансиска поддршка, продукт е на долги карантински викенди и полициски часови, кои позитивно влијаеле врз авторот, односно обезбедиле простор за размислување и креативно изразување.
– Оттука тргна идејата да ги искористам моите збирки на фотографии и носии во некаков уметнички проект. Веднаш им се јавив на сите соработници во изложбата, кои се и мои пријатели и пријателки, и тие ми дадоа безрезервна поддршка и се нафатија да бидат дел од неа. Изложбата вклучува серија црно-бели архивски фотографии од крајот на 19 и почетокот на 20 век, направени од непознати фотографи и етнографи што ја посетувале нашата земја и фотографирале секојдневни настани. Понатаму, проектот вклучува и фотографии на Жарко Чулиќ, како и краток филм во моја режија, кој има цел да долови моменти од секојдневниот живот на жените од тоа време, со акцент на нивните емоционални состојби – истакнува Петковски.
Актерките и танчарките се главни протагонистки во неговата изложба „Вита“.
– Во принцип, отсекогаш сум сакал да работам со луѓето со кои работев, бидејќи безрезервно ќе кажам дека овие девојки се едни од најдобрите во нивните професии. Сите од нив веќе долго време се на сцената или зад камерата и се врвни професионалки. Бидејќи поминале голем дел од нивните животи пред публика и работеле со режисери, кореографи и фотографи, овие уметници точно знаат како да доловат емоција, нешто што мене ми беше пресудно за овој ангажман. По низа разговори, започнавме со фотосесиите и со снимањето на филмот, и не само што се снајдоа туку брилјираа. Ним и на целиот тим зад „Вита“ сум им бескрајно благодарен – вели тој.

Тесно поврзана со „Вита“ е и неговата претстојна изложба, насловена „Базаар“.
– „Базаар“ е следната изложба што ја подготвувам, а би требало да биде изложена во септември. Сè уште сум во преговори за просторот и деталите за изложбата и тоа е сè што знам засега. Во „Базаар“ ставам фокус на Старата скопска чаршија, односно на модата во првата половина на 20 век во Скопје. Имено, Старата скопска чаршија, освен што била голем трговски центар низ кој се движеле луѓе од различни националности и вероисповеди, била и модна писта, односно простор каде што можеле да се видат различни струења. На пример, во ист ден можеле да се забележат влијанија од француската и турската мода (а ла франга и а ла турка), но и народни носии што биле типични за ова поднебје. Повторно инспириран од архивски фотографии и етнографски филмови во кој фокусот е чаршијата, направив низа фотографии и режирав краток филм во кој ги комбинирам овие струења. За разлика од „Вита“, во овој проект ги користам носиите само како инспирација, односно користам само делови од носии за да креирам нови стилови. Наместо фокус на емоција, во оваа изложба се фокусирам на модни едиторијали, односно сакам да ѝ порачам на јавноста дека народната носија не мора да биде мистифицирана и егзотифицирана, бидејќи се работи за мода и за стил на лично или колективно уметничко изразување – подвлекува Петковски.

Неговите тенденции се да продолжи да ја вложува својата енергија во уметнички проекти.
– Напорно работам на „Базаар“, а во преговори сум и за уште неколку проекти, кои вклучуваат театарски претстави и кратки филмови. Пред неколку месеци работев на танцовиот филм „Витро“, кој беше премиерно прикажан на Скопскиот танцов фестивал, а во план се и неколку соработки со кореографи и режисери од државава. Не знам зошто, но во Скопје секогаш сум најкреативен и најамбициозен, па се надевам дека поривот за уметничко изразување ќе потрае и дека ќе имам поддршка за негова реализација. За оние што немаа шанса да ја погледнат „Вита“, ќе биде изложена во просториите на Велешкиот театар до 15 август – вели авторот на изложбата.