Од 6 до 8 мај се одржа „Вики-камп – Маврово 2022“

Здружението „ГЛАМ Македонија“, кое работи на организирање настани поврзани со слободната енциклопедија „Википедија“, во соработка со училиштата низ Македонија и наставници ментори на „Вики-клубовите“, организира „Вики-камп“ за ученици од различни градови од нашата земја.

„Вики-кампот“ беше во траење од три дена, од 6 до 8 мај, и се одвиваше во комплексот „Кораб Трница“, во Мавровскиот Регион. Учествуваа 40 ученици од основни и од средни училишта во Македонија, кои преку меѓусебно запознавање и дружење имаа можност да се запознаат и да бидат обучени за уредување статии на „Википедија на македонски јазик“.

Во текот на овие три дена создадоа 353 нови статии на теми за флората и фауната на „Википедија на македонски јазик“. Меѓу другите активности на „Вики-кампот“ се одвиваа предавања и обуки и заеднички работилници за напредно уредување на „Википедија“. Стана збор и за начинот на спроведување на експедициските теренски истражувања од областа на географијата, природата, земјоделството, културното наследство, архитектурата и археологијата. Исто така, учениците имаа можност за организирана прошетка во Шаркова Дупка, како и да го слушнат предавањето на дипломираниот еколог Икмет Ејупи, од националниот парк Маврово.

– „Вики-камповите“ се добра можност младите википедијанци да стекнат сигурност во уредувањето статии на „Википедија“, како и можност да ги разгледаат убавините на местото каде што се одвива „Вики-кампот“ – изјави претседателката Снежана Штрковска.

Инаку, ова е четврти „Вики-камп“ во организација на „ГЛАМ Македонија“.

Автор: Лила Арсова


Богатата флора и фауна на националниот парк Маврово

Маврово – национален парк во Западна Македонија, кој зазема простор од 73.088 хектари и е најголем меѓу трите национални паркови во Македонија. Како национален парк е прогласен во 1949 година. Во границите на паркот се опфатени планините: Кораб, Дешат, југозападните разграноци на Шар Планина, поголем дел од Бистра и северните делови на Крчин. Средишниот дел на националниот парк ги зафаќа долината и сливот на реката Радика. Во склоп на националниот парк е и вештачкото Мавровско Езеро.

Во границите на паркот се среќаваат голем број интересни морфолошки форми: речни долини, клисури, водопади, карстни полиња, ували, вртачи, пештери, циркови, леднички езера, разни видови денудациони облици и сл. Од растителноста на паркот најголема застапеност има заедницата од горска букова шума. Во границите на националниот парк Маврово се наоѓаат над 52 планински врва, со надморска висина над 2.000 м, од кои попознати се врвот Меденица на планината Бистра, Веливар, Сандакташ и др. Посебно значење за националниот парк Маврово има врвот Голем Кораб (2.764 м н.в.), кој е наедно и највисок врв во Р Македонија, а со тоа и највисока точка на паркот. Најниската точка на националниот парк Маврово е на 600 м н.в. и се наоѓа на самото место каде што Мала Река се влева во реката Радика.

Како резултат на големата разноликост на релјефот, националниот парк Маврово се одликува со извонредно флористичко богатство, коешто се состои од над 1.000 вида виши растенија, од кои 38 се дрвни видови, 35 грмушки, а околу шеесетина се ендемски, реликтни или ретки видови. Фауната на националниот парк Маврово исто така се одликува со значителна разноликост. Таа се состои од 140 вида птици, од кои позначајни се: сивиот сокол, орелот крстач, суриот (златен) орел, шумскиот ут, големиот був, ливадската еја, степската еја, како и 11 вида водоземци, 12 вида влекачи и 39 вида цицачи. Од цицачите најважни се: мечката, рисот, дивокозата и дивата мачка….

(Од „Википедија“ – слободна енциклопедија)