Од книгата „Бисерчиња од детски главчиња“ на Славка Арсова (12)

Мала Анабела има татко Македонец, а мајка Србинка. Извесно време живеат во Лос Анџелес, САД, каде што таа оди во градинка.
Оваа есен беше на гости кај баба ѝ и дедо ѝ во Скопје.
– На кој јазик да зборуваме сега Анабела? – ја праша една од тетките, која тукушто дојде да ја види.
– На шарен јазик! – одговори Анабела.

Коментар: Се чудите деца кој е тој шарен јазик! И јас би се зачудила. Ама малата Анабела зборува повеќе јазици: кога е во Македонија – зборува на македонски, кога е во Србија – српски, во градинката во Лос Анџелес зборува на англиски, во балетското училиште, каде што посетува часови – исто така на друг јазик. И така, умната Анабела, наместо сево ова да го расправа, наједноставно ќе рече: на „шарен јазик“. Секако, таа зборува на сите јазици што ги знае. Ама дали тетката ги знае? – Е, тоа не знаеме!