Најново од творештвото за деца на писателот Трајче Кацаров

Како дете најмногу го сакав бројот пет. Може да се каже дека ја сакав бројката пет. Пет, та, пет. Ја пишував насекаде. Ту со арапска графема, ту со римска. Некако римската ми беше туѓа иако можеше да се толкува и како викторија – победа. Си ја пишував јас онаа што најмногу наликуваше на графемите на кириличното писмо.
Насекаде гледав само петки. Колку дома, толку надвор. Колку во училиштето, толку пред гаражата на газда Ниче, каде што игрите со маалските деца ги имаа своите ѕвездени мигови. На небото знаев за пет планети, на земјата за пет континенти. Реката Брегалница имаше пет притоки, а таа се влеваше во пет мориња.
Секој збир сакав да завршува со пет. Два и два не може да бидат ништо друго, освен пет.

Во дворот имавме едно магаре, едно прасе, две кокошки и еден петел. До сливата имаше една котарка во која кучето Џони се проѕеваше и лаеше. На креветот во дневната секогаш се истргаше една мачка. Колку и да сметате, збирот нивен, за мене, секогаш ќе биде пет.
Можеби за мојата опседнатост со бројот пет беше виновна школската петка. Бројот пет во училиштето, да не речам во образованието, го означуваше успехот на ученикот. Знаењето се бележеше со бројот пет. Незнаењето со бројот еден.
Сакав да бидам одликаш. Сакав во дневникот по сите предмети да имам само петки. Да имам петка дури и по предметот по кој сум дудук. А дудук бев по математика. Немав петка во дневникот, затоа, пак, на корицата на тетратката по писмена работа имав нацртав огромна петка. Кога учителот ме праша зошто сум го направил тоа, му одговорив: „Единицата со која вие ќе ја оцените писмената работа, за мене ќе биде петка. Го најавувам тоа уште на корицата на тетратката!“ Учителот ме погледна подоко. До катедрата имаше пет чекори. Чекореше одмерено.
Насекаде гледав само петки, размислував само за петки. Сакав сѐ да биде во знакот на бројот пет.

Кога ќе дојдеше времето да ми се купува облека сакав да ми купат: пет панталони, пет блузи, пет маици, пет пара патики, пет пара чизми. Сакав да имам пет училишни торби, пет тетратки, пет учебници, пет моливи, пет пенкала. Блокот за цртање мораше да биде број пет. Сакав пет гуми за бришење „пеликан“. Така ги засакав и пеликаните. Сакав да имам пет пеликани.
Кога почнав да се интересирам за музиката, секогаш купував по пет плочи. Сакав да имам пет гитари, пет труби, а тапанот да биде составен од пет тимпани со исто толку чинели.Сакав секоја музичка група да има пет музичари. Од грлото на пејачот да извираат пет гласа.
Сакав да имам пет другари и пет другарки. Сакав да бидам вљубен во пет девојки. Пет, пет, та, пет! Сакав името да ми биде Петко, а девојките што ги љубам да го носат името Петка.

Се сеќавам кога мама и тато тргнаа да купат печка за греење на нафта, побарав да ги придружувам. Во продавницата имаше многу печки. Бев упорен, дури и низ солзи молев да ја купат печката обележана со број пет. По не толку кратко натегање ми помогна и продавачот: „Ајде нека биде печката ’емо 5‘. Нека се множат петките во училиштето на малиот.“ Ја купивме. Се греевме на печката на нафта „емо 5“, додека не ја заменивме со термо, печка на струја.
Како што растев, љубовта кон бројот пет почна да бледнее. Петката, неретко ја заменував со бројот осум, со седумка, со шестка. Сѐ уште ја заменувам со секоја бројка што ме радува или ми навестува добро расположение и среќа.
Како и да е, бројот пет, за мене, остана како почетна бројка во арапскиот броен систем.


Креативно катче

Ајде да нацртаме колибри

Денеска, драги деца, ќе ви помогнеме како во шест потези да нацртате колибри. Следете го упатството и ќе видите дека предизвикот воопшто не е тежок. Потребни ви се само бел лист хартија, моливче, гума, неколку боички и, секако, желба за цртање.